Македонија
Села и Гаши нема да дојдат на средбата на албанските партии што ја организира Ахмети

Алијансата за Албанците и Алтернативата нема да дојдат на средбата на партиите од албанскиот политички блок, која треба да се одржи утре по иницијатива на Демократската унија за интеграција.
Зијадин Села и Африм Гаши велат дека ја прифаќаат поканата, но бараат средбата да се одржи по 17 август, а не утре.
„Сметаме дека политичкиот механизам на тркалезната маса е важен политички инструмент за координирање на позициите на албанските парламентарни партии и како таков сметаме дека треба да продолжи да се негува за артикулација на албанските интереси во Северна Македонија. Размислете за можноста за друг датум почнувајќи од понеделник (17.8.2020) натаму, секако со известување неколку дена претходно со дневниот ред на средбата“, се вели во писмото на Алијансата за Албанците и Алтернативата до претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Според извори од Беса, ни нивниот лидер Билал Касами нема да учествува на состанокот на лидерите на албанските партии. Тој наводно не сакал да биде дел од состанокот, но од Беса прецизираат дека засега сè уште нема официјална одлука на партиските тела.
Конкретен одговор нема ниту од лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
ДУИ, сепак, не ја откажува средбата, а од партијата велат дека остануваат достапни и отворени за натамошни средби во текот на следната недела или на кој било иден датум.
Партијата им се заблагодари на сите албански парламентарни партии за, како што велат, коректната комуникација, потврдниот одговор и добронамерните предлози за состанокот. Велат дека предложениот дневен ред за состанокот на 13 август може да биде дополнет и изменет со предлози од сите учесници за време на заедничката средба.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на заедничка маса ги покани Билал Касами, Зијадин Села, Африм Гаши и Мендух Тачи. Утре се одбележува годишнината од Рамковниот договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.