Македонија
Села: Казина ќе има само во хотели со пет ѕвезди

Коалицијата „Сега е време“ меѓу Алијансата за Албанците и Алтернативата одржа митинг во село Форино во Гостивар. Носителот на Шестата изборна единица, исто така претседател на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, на почетокот на својот говор, објаснувајќи делови на изборната програма, се фокусира на ограничување на коцкањето и рече дека во првите сто дена по доаѓањето на власт, ќе донесат закон со што казина ќе има во хотели со пет ѕвезди.
Тој понатаму рече дека оваа коалиција не бара мандат да го затемни животот на Албанците, туку Албанците да станат слободни и достоинствени, домаќини во својот дом. Села вети дека ако оваа коалиција победи на изборите, ниту еден Албанец нема да биде загрозен заради неговата партиска припадност. Села исто така истакна дека идејата на ДУИ за албански премиер е обид за камуфлажа на дискриминација и угнетување на Албанците.
„Не можам да разберам, како сега тие можат да побараат Албанец да биде премиер? Тие се на власт 18 години и ја добија поддршката и гласовите на Албанците. Како до сега не ја остварија оваа идеја и што навистина бараат сега“, рече Села додавајќи дека доаѓа времето на промена, со што, рече тој, по 15 јули, Али Ахмети ќе биде слободен затоа што досега некогаш беше заробен од страна на ВМРО, а некогаш и од СДСМ.
Барајќи поддршка на овие избори, Села истакна дека Албанците треба да гласаат за албанските кандидати, а не за списоците што се дел од, како што рече, каков било договор за коалиција што ѝ служи на другата страна.
Шефот на изборниот штаб и генералниот секретар на партијата, Арбен Таравари, исто така одржа говор на митингот, изразувајќи оптимизам за победа.
„Промената што ја почна Гостивар ќе продолжи со Липково и Струга. Претседателе, ви ветувам дека во Гостивар победата над ДУИ ќе биде два спрема еден“, рече Таравари.
На присутните им се обратија и кандидатите за пратеници: Газменд Абдија, Елхоме Мемеди, Афан Елези и Халил Снопче. Откривајќи делови од програмата, тие ветија дека ќе бидат вистинскиот глас на Албанците во парламентот, создавајќи над 25.000 слободни работни места, еднаков развој на албанските и македонските региони и одржување на младите во татковината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.