Македонија
Сет мерки за сточарите за да се спречи ширењето на африканска чума кај свињите
Заради елиминирање на ризикот од појава и ширење на болеста африканска чума кај свињите во земјава, имајќи ја предвид состојбата со болеста во регионот каде е потврдено нејзиното присуство, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение со сет на мерки кои треба да ги применуваат одгледувачите на свињи во држава за да се заштитат.
На сточарите кои одгледуваат свињи им се забранува одгледување и испаша на свињите на отворено. За непочитување на оваа мерка, свињите ќе бидат без надомест одземени од сточарите и хумано убиени и нештетно отстранети.
Решението забранува ставање во промет на свињи преку добиточните пазари и собирните центри.
Согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните сите одгледувачи на свињи имаат обврска да ги воспостават и одржуваат основните биосигурносни мерки на фармите. На одгледувалиштата од категоријата фарми со висок ризик им се забранува набавка и внесување свињи доколку ги немаат воспоставено основните биосигурносни мерки.
Со решението наложено е задолжително пријавување на сомнеж на болест или угинување на свињи до најблиското ветеринарно друштво или официјален ветеринар на АХВ. Сточарите треба ажурно да го водат Регистарот на одгледувалиште и во него да ги евидентираат сите активности на фармите.
Фармерите имаат обврска да водат евиденција за движењето на животните кои мора да се идентификувани, со валиден сертификат за здравствената состојба и документ за синџир на исхрана доколку се транспортираат до кланица за колење. Да се води сметка животните да не доаѓаат во контакт со други животни кои имаат непознат здравствен статус. Од одгледувачите кои нема да ги исполнат условите за движење на животните од решението, свињите ќе бидат одземени, убиени и нештетно отстранети на товар на сопственикот, доколку се затекнат во промет.
Свежото месо, подготовките, производите од месо и нус производите од дивите животни приемчиви на болеста, согласно донесеното решение на АХВ, не смее да дојдат во контакт со животните на фармите, бидејќи преку нив може да дојде до пренесување на болеста.
Ловџиите или лицата кои имале контакт со диви приемчиви на болеста животни, не смее да имаат со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот.
Болеста африканска свинска чума се пренесува и шири со директен контакт од болно на здраво животно, индиректно се пренесува преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека и биолошки преку вектор – мек крлеж од родот Ornithodoros.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

