Македонија
Се вклучија камерите во Скопје, возачите што ќе направат прекршок ќе добијат опомена
Камерите поставени на сообраќајниците во Скопје од денеска ќе снимаат, возачите што ќе направат прекршок ќе добијат опомена, а од 1 јануари ќе се казнува.
„Сторителите на прекршоци, кои ќе бидат документирани преку системот ‘Безбеден град’, ќе бидат санкционирани во согласност со одредбата што ја регулира најголемата дозволена брзина на движење на возилата, односно нема да има толеранција, без разлика дали ќе се документира прекршок во населено или надвор од населено место. Во почетниот период ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци, како: управување возило со брзина поголема од дозволената, минување на црвено светло, изминат рок на важност на сообраќајната дозвола и непрописно паркирани возила, а во следната фаза од проектот планирано е проширување на видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем“, информира МВР.
За прекршоците што ќе бидат документирани преку системот „Безбеден град“, на сопственикот на возилото со кое е констатиран сообраќаен прекршок МВР ќе му достави СМС-порака на мобилниот телефон и на електронската адреса (податоци што сопственикот на возилото ги дал при регистрација на возилото) со линк за преземање записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.
Доколку сторителот ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, ќе плати половина од изречената глоба, ако истекол рокот од осум дена за да плати половина од изречената глоба, ќе може да го плати целиот износ на изречената глоба најдоцна во рок од осум дена по истекот на рокот за плаќање на половина од изречената глоба, а пред постапката за извршување. Кога ќе заврши со плаќање на изречената глоба во дадените рокови, не се плаќаат трошоци на целокупната постапка.
Странец, како и државјанин на Република Северна Македонија, кој со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог да ја плати изречената глоба. Ако сторителот не ја платил глобата, МВР ќе ја достави до органот надлежен за присилна наплата.
За прекршок за кој, покрај глобата, е предвидена и санкцијата забрана за управување со моторно возило и ако сторителот ја платил глобата во предвидените рокови, и за прекршок престанок за важење на возачката дозвола, МВР ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд.
Глобите ќе може да се платат електронски преку линк што сторителот на прекршокот ќе го добие со известувањето. Во овие случаи потребно е во уплатницата автоматски да биде внесен бројот на записникот за сторниот сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог и износот на глобата изразена во денари.
Во овие случаи МВР веднаш електронски добива известување дека глобата е платена.
Инаку, од денеска, 1.12.2025 година, почна пробниот период во кој сторителите ќе добиваат известување за сторениот сообраќаен прекршок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

