Македонија
Се очекува Македонија годинава да ја посетат 1,5 милиони туристи, најбројни се гостите од Турција

Македонија веќе бележи двоцифрен годишен пораст во бројот на странски посетители, најновите податоци покажуваат 21.6 % раст во првата половина од 2025, во однос на истиот период од минатата година, соопшти Министерството за култура и туризам.
Од таму велат дека ако се задржи ваквиот тренд, се очекува дека бројот ќе достигне околу 1,5 милиони странски туристи до крајот на годинава, според пресметки на локалните туристички работници.
Туристите од Турција и понатаму се најбројни, со учество до 42% меѓу странските гости и постојан раст. Србија покажува исто така забележителен подем, односно раст од 20–30%, особено во Скопје и Охрид. Раст бележат и Германија, Грција, Хрватска и Романија, кои остануваат меѓу првите 10 пазари. Пазарите како Бугарија, Албанија и Словенија се стабилни, додека кај држави како Косово, САД, Италија и Холандија не се забележани значајни промени.
„Ова би можело да донесе приходи до 500 милиони евра и важно е државата и бизнисите да инвестираат во инфраструктурата, зајакнување на туристичките капацитети, развој на одржлив туризам и рамномерен регионален развој за да го одржат темпото и да извлечат максимум корист“, велат од Министерството.
Во услови на зголемен развој на туризмот, според Министерството, се наметнува потреба од реформски мерки во насока на градење ефективен систем на туризмот и создавање поврзана функционална целина која има за задача да одговори на потребите на туристичката дејност и туризмот.
„За таа цел Министерството за култура и туризам презема низа реформски и организациони мерки, за што во моментов се одвива процес на преземање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и екипирање на секторот во рамки на министерството со што Министерството за култура и туризмот станува адреса за обраќање за туристичкото стопанство“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АВМУ со осуда за заканите од Костадинов кон Латас

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги осудува заканите упатени кон новинарот Драган Павловиќ Латас од страна на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов на социјалната мрежа „Фејсбук“.
„Политичарите и носителите на јавни функции, мора да бидат пример за достоинствена комуникација и да се воздржат од изјави што можат да поттикнат омраза во јавниот дискурс и да доведат до дела мотивирани од омраза. Апелираме да се почитува слободата на медиумите и новинарите, и доколку политичарите и носителите на јавни функции имаат забелешки на медиумските содржини да ги користат институционалните механизми за реакција“, велат од АВМУ.
Македонија
Јанев: Моторното одделение на МВР е целосно вратено во функција

Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, го посети моторното одделение при Одделот за обезбедување на личности и објекти во рамки на Бирото за јавна безбедност – состав од професионални, искусни и храбри полициски службеници.
При посетата директорот Јанев истакна дека нивната посветеност, долгогодишно искуство и дисциплина се од клучно значење, не само за безбедноста на патиштата и ескортното обезбедување на вип личности, туку и за пренос на знаење на помладите генерации преку обуки низ целата држава.
„До неодамна, оваа единица беше исклучена од редовни задачи за превенција и санкционирање на сообраќајни прекршоци. Но, со стартот на оперативната акција „Безбеден сообраќај“, негативната пракса е надмината, моторното одделение е целосно вратено во функција и повторно е присутно на терен во служба на законитоста, безбедноста и редот“, дециден беше директорот Јанев, укажувајќи им ја на колегите важноста на нивното континуирано и интензивно присуство во сите делови на државата, бидејќи видливоста на овие полициски службеници директно влијае врз зголемување на безбедноста и свеста кај учесниците во сообраќајот.
„Полицијата е горда на овие професионалци кои на две тркала секојдневно се грижат за животите на граѓаните и придонесуваат за развој на современа, одговорна сообраќајна култура, особено кај моторџиите, велосипедистите и корисниците на тротинети“, истакна Јанев.
Директорот ја потенцираше и обврската на секој полициски службеник, без исклучок, да биде активен чинител во заштитата на животите на граѓаните во сообраќајот.
„Секој полицаец мора да биде активен чувар на животите на сите граѓани, редот, јавниот интерес и во функција на заштитата на сообраќајната култура. Безбедноста на патиштата не е само техничка задача, таа е вредносна обврска што ја делиме сите, полицијата е првата линија на одбрана кога станува збор за сообраќајната култура“, заклучи директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.
Македонија
Нема повредени лица во запалениот глисер во Охридското Езеро

Денеска во 10,30 часот, во полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, пријавено е дека на пловен објект глисер кој бил во водите на Охридското Езеро, кај каналот „Студенчишта“, марка „Aquaviva 23“, сопственост на Н.С.(47) од Охрид, настанал пожар.
Од СВР Охрид велат дека повредени лица нема, а предизвикана е материјална штета на глисерот како и на други два глисери кои биле закотвени во негова близина.
„Врз запалениот пловен објект, веднаш интервенирале припадниците на езерската полиција, на сообраќајната полиција како и припадници на армискиот центар за обука на вода кои, од глисерот го отстраниле К.П.(24) од Охрид и со соодветна опрема за гасење, отпочнале со гасење на пожарот. Набрзо им се придружиле и пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Охрид со што е спречено натамошно ширење на пожарот а повикана е медицинска екипа од Итната медицинска помош“, велат од полицијата.
По насоки на јавен обвинител, на местото извршен е увид во присуство на полициски службеници, претставници од охридската капетанија на пристаништа. Глисерот е одземен за понатамошни вештачења.