Македонија
Се пренасочува сообраќајот на магистралниот пат Скопје – ГП Блаце

Поради технички проблеми на терминалот од косовска страна, сообраќајот на магистрален пат Скопје – ГП Блаце (БП Дизел) се пренасочува, информираше АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тројка надеж: Во Клиниката Жан Митрев на свет донесени три предвремено родени бебиња – Мелис, Мира и Малахат во 31-та гестациска недела

На 4 јуни 2025 година, во Клиника Жан Митрев на свет беа донесени три предвремено родени бебиња – Мелис, Мира и Малахат, од природно зачната тројна бременост, реткост во современата медицина. Родени со царски рез 9 недели пред очекуваниот термин, во 31-та гестациска недела, новороденчињата моментално се во стабилна состојба и се згрижени во Центарот за мајка и бебе под надзор на неонатолозите. Тие добиваат неинвазивна респираторна поддршка (CPAP). Виталните параметри се стабилни и медицинските тимови внимателно ги следат со надеж за брзо заздравување и отпуштање дома.
Со ова породување и официјално започнува со работа Одделот за неонатална интензивна нега (NICU) во Клиника Жан Митрев.
Првото новороденче, Мелис, тежи 1390 грама и е долго 42 см. Второто бебе, Мира, тежи 1270 грама и е долго 36 см. Третото предвремено родено бебе, Малахат, тежи 1340 грама и е долго 40 см. Бременоста се развивала природно, без медицинско потпомогнато оплодување, од три оплодени јајце-клетки. Целокупниот процес на следење, водење и породување беше изведен од мултидисциплинарен тим од врвни гинеколози акушери, неонатолози, акушерки и неонатолошки сестри, со користење на најсовремена опрема и протоколи.
Пренаталната грижа започна од 11-та гестациска недела и беше водена од прим. д-р Љупчо Петровски, д-р Јелена Голубовиќ Симјановски и д-р Ненад Лазаров. За време на хоспитализацијата пациентката беше следена од д-р Владимир Кижески. Породувањето со царски рез беше извршен од тимот предводен од д-р Менду Јегени, во соработка со д-р Кижески, д-р Саша Јовчевски, д-р Голубовиќ Симјановски и анестезиолозите д-р Марко Ѓоргон и д-р Сања Маринковиќ. Бебињата беа веднаш преземени од три педијатриски тима под водство на д-р Рената Димитроска – субспецијалист по неонатологија, заедно со педијатрите д-р Весна Деловска, д-р Маја Ангелеска Викторијоски, д-р Катерина Димовска и д-р Милена Спирковска.
„Нивното доаѓање на свет ни донесе огромна радост, но и потврда дека кога знаењето, искуството и современата технологија се здружат, можеме да ги надминеме и најголемите предизвици. Мелис, Мира и Малахат се наши мали херои,“ изјави тимот од Центарот за мајка и бебе.
Во последните три децении, стапката на повеќеплодови бремености е зголемена за 70%, а тројните бремености од природен пат, како оваа се вистинска реткост и во светски рамки се појавува во 1 на 8000 случаи. Ова породување претставува не само медицински успех, туку и симбол на надеж, живот и хуманост. На нивната мајка, г-ѓа Мубеџел Бектешова од Скопје, ѝ посакуваме брзо закрепнување, а на Мелис, Мира и Малахат – живот исполнет со љубов, здравје и сила.
ПР
Македонија
Издвоивме 30 милиони денари за пациентите и нивните семејства кои се лекуваа во странство, вели Томовски за трагедијата во Кочани

Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски на трибина „Кочани е нашиот приоритет“, која се одржи во Владата и која беше посветена на трагедијата во Кочани, говореше за реализираните активности во делот на логистиката, особено во делот на поддршка на семејствата коишто заминаа заедно со повредените кои беа на лекување во странство.
„На тој кобен неделен ден, на кризен координативен состанок Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи да биде логистика и поддршка на луѓето коишто ќе се лекуваат надвор од Македонија. Тука би сакал да изразам една голема благодарност до Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана коишто ни беа логистичка поддршка на терен, особено во странство и сите амбасадори коишто ни беа таму нашата поддршка и поддршка на пациентите“, изјави Томовски.
Томовски информираше дека од резервите на Буџетот на државата се одвоени 30 милиони денари за да се пружи помош при транспортот, сместувањето на придружбата на овие пациенти и дека до овој момент се потрошени 21 милион денари државни пари.
„Издвоивме почетни 30 милиони денари од резервите на Буџетот на државата за да се пружи помош при транспортот, сместувањето на придружбата на овие пациенти“ и додаде:
„Уште 7 пациенти се на долекување во странство, исто имаат придружба, исто така им се покриваат трошоците за сместување и се надевам дека за брзо ќе ги вратиме назад во нашата држава. Она што би сакал да го потенцирам е дека до овој момент се потрошени некаде околу 21 милион денари државни пари, коишто повторно ќе напоменам, тоа не значи дека тука се завршува. Државата стои на располагање и ќе стои се до оној момент додека не добиеме јасна слика и додека не си ги вратиме пациентите тука назад во Македонија и да ги излекуваме до крај“, информираше Томовски.
Тој се осврна и на соработката со Црвениот крст, и истакна дека Владата се придружила на донаторската сметка на Црвениот крст.
„Исто така, имавме соработка со Црвениот крст, бидејќи се придруживме на донаторската сметка на Црвениот крст и пруживме помош на пациентите и на луѓето коишто се лекуваат и во странство и во Македонија“, подвлече директорот на СОЗР.
Македонија
(Видео) Кузеска: Власта организирано ги штити виновниците за трагедијата во Кочани

Христијан Мицкоски, Панче Тошковски и Коцевски и натаму ги штитат полициските службеници кои имаат директна вина за најголемата трагедија во историјата на Македонија, пожарот во дискотеката Пулс во кој животот го загубија 62-ца млади луѓе, а 200 беа повредени, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Мицкоски и Тошковски, вели Кузеска, прават се за да ги прикријат трагите и непосредната одговорност на оние кои кобната вечер донеле одлука да се затворат вратите на дискотеката што непосредно придонеле да има толкав број на жртви од оваа трагедија.
Според неа, власта се обидува да ги заштити и оние кои биле должни да ја затворат дискотеката која кобната вечер работела без никаков документ во целост надвор од законските рамки и прописи и покрај фактот што јавно било објавено дека таа вечер во овој објект се организира забава.
„Не само што власта на Мицкоски ги штити полициските службеници кои се срам за униформата туку и одбива да одговори на конкретни прашања на медиумите поврзани со оперативниот план таа вечер.
Како е можно и од кои причини оперативниот план за акциската контрола на повеќе локали низ Македонија меѓу кои и дискотеката Пулс да биде класифицирана информација, 3 месеци после спроведувањето на акцијата? МВР крие и кои биле оперативните процедури кои ги наложувала оперативната акција, односно крие кој ја дал наредбата да бидат затворени вратите на дискотеката Пулс, чин кој одзел драгоцени минути и секунди кои би значел спасен живот повеќе“.
Власта, додава таа, крие и кој ја дал наредбата да се спроведе акциска контрола во објект кој не смеел да биде отворен таа вечер затоа што немал никаква дозвола за работа, акциска контрола во која еден полициски службеник го загуби својот живот.
Прашува, дали власта го штити началникот на СВР Штип, Дејан Салтировски и дали тој ја дал наредбата да се прави акциска контрола на објект кој воопшто таа вечер не смеел да работи.
„Дали власта го штити Салтировски чиј адвокат бил лично министерот Тошковски? Дали Мицкоски го штити Салтировски затоа што е во кумовски врски со Орце Тодоровски Ефто кој е бизнис партнер во хидроцентралите на Мицкоски? Дали МВР ги класифицирале овие документи затоа што потпис и наредба да се затворат вратите на дискотеката Пулс спротивно на стандардните оперативни процедури при акциска контрола ставил токму Салтировски? Нема одговорност ниту за Драган Казак Петрушев кој спровел наредба спротивна на стандардната оперативна процедура и ги затворил вратите на дискотеката. Нема одговорност ниту за началничката на економски криминал Кристина Јованова која дозволила да организира забави со стотици присутни, фирма со блокирана сметка повеќе од 200 дена која не можела да исплаќа плати и обврски кон добавувачи. Нема одговорност ниту за Томо Донев кој е началник на криминалистичката полиција во Кочани во моментот кога се случува пожарот во дискотеката Пулс“, потсети Кузеска.
Оценува дека трагедијата во Кочани е масовно убиство со потпис на државата, потпис на власта која прави се за да се спаси од одговорност за смртта на 62-ца млади луѓе.
„Обвинителството констатирало во истрагата дека ММММ ДООЕЛ немало дозвола за употреба на пиротехника, ниту имало лице со дозвола за ракување на пиротехника, зошто нема одговорност за инспекторите надлежни за надзор на пиротехниката? Зошто се крие името на фирмата која на црно увезувала пиротехнички средства? Дали се крие кој се потпишал на оперативната наредба спротивна на стандардните оперативни процедури со што било наредено да се затворат вратите?
Дали се работело спротивно на стандардни оперативни процедури“, праша Кузеска.
Потенцира дека СДСМ нема да дозволи никој да ја заташка истрагата за трагедијата во Пулс.