Македонија
Сѐ уште гори кај „Пепелиште“, но не се загрозени селата Пепелиште и Војшанци
Сѐ уште гори во реонот на армискиот полигон „Пепелиште“. На 10-километарскиот огнен фронт нема опасност и загрозување населби, објекти и инфраструктура, според информации од теренот.
И денеска од утрово се дејствува врз пожарот, а ЦУК упати и барање за поддршка за целосно извидување на теренот од воздух до МВР, а и барање за извидување од воздух со дронови на Граничната полиција и Фронтекс.
Конкретно, денеска, во раните утрински часови, се дејствува врз пожарот во реон на армискиот воен полигон „Пепелиште“ од страна на ТППЕ од Неготино и јавните комунални претпријатија од општината, а и со локална поддршка од месното население. Опасниот крак од пожарот на 10-километарскиот огнен фронт, што го ги загрозуваше селата Пепелиште и Војшанци, вчера е изгаснат, така што повеќе не постои повеќе опасност од пожарот за двете села.
При утринската координација на ТППЕ од Неготино, ЦУК и МВР е одлучено хеликоптер на МВР утрово да дејствува на теренот на кој е пожарот во правец од с. Војшанци кон сртот на планината Серта за да не префрли пожарот кон Конечка Планина. Таму има густа вегетација од ниска шума, нискостеблеста иглолисна вегетација и висока трева.
Дел од екипите на пожарникарите од ТППЕ и јавните комунални претпријатија од Неготино се концентрирани на поголемите жаришта од пожарот на планината Серта. Тие ПП-екипи, заедно и со дел од мешаните, континуирано дејствуваат во тој предел за да го стават пожарот под целосна контрола.
Целата операција на дејствување врз пожарот е задолжен да ја води командирот на ТППЕ и по негова процена дека има потреба од дополнителни ресурси за справување и гаснење на пожарот преку градоначалникот на општина Неготино ќе ги побара од соседните општини.
Армискиот хеликоптер „ми-17“ е планирано да се вклучи во гаснење на пожарот денеска околу 12 часот.
Утрово, ЦУК упати и барање за поддршка за целосно извидување на теренот од воздух до МВР, а и барање за извидување од воздух со дронови на Граничната полиција и Фронтекс (Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, што обезбедува оперативна поддршка во управувањето со границите како помош и во нашата држава).
Центарот за управување со кризи информира дека, генерално, од опасниот пожар во реонот на армискиот воен полигон „Пепелиште“, кој имаше 10-километарски огнен фронт, нема опасност и загрозување населби, објекти и инфраструктура, според информации што до ЦУК пристигна од терен и од Општина Неготино.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

