Македонија
Сивиот дом замина во историјата, децата од „Ранка Милановиќ“ сместени во групни домови
Во двата мали групни дома отворени денеска се згрижени децата што досега престојуваа во поранешната установа „Ранка Милановиќ“. Од денеска натаму трите институции за згрижување деца без родители и родителска грижа, деца со воспитно-социјални проблеми и деца со интензивна потреба од поддршка и рехабилитација, обезбедуваат индивидуална грижа во мали групни домови, во топла средина што личи на семејната.
„Од денеска сивиот дом на нашиот социјален систем замина во историјата. Со интензивна стручна поддршка и 24-часовен надзор ќе им помогнеме на децата што на рана возраст дошле во судир со законот, да зајакнат и да се развијат во идни активни граѓани кои учествуваат во заедницата. Реинтеграцијата на децата е нашата цел – во иднина да имаме примери на успешни млади кои го оформуваат образованието и стекнуваат позитивни животни вештини“, истакна Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

„Домот е место во кое секој треба да чувствува припадност и сигурност. Ова се однесува за сите деца, но особено за децата со комплексни емотивни потреби кои најчесто застрануваат од патот поради недостиг од поддршка во семејството и заедницата. Без оглед на тоа колку добро е опремена или колку се квалитетни вработените, една институција не може да ја замени љубовта и поддршката што постои во семејното опкружување. Денес, правиме уште еден важен чекор кон ставање крај на сместувањето деца во институции, но трансформацијата во работата на ‘Ранка Милановиќ’ само што почна и ќе бара континуирана посветеност и инвестиции за секое дете да има можност да се справи со негативните искуства и да го развие својот целосен потенцијал“, рече Елспет Ериксон, заменик-претставник на УНИЦЕФ.
„Нашата служба за деца со социјално-воспитни проблеми повеќе од една година згрижува над 25 деца во пет групни дома. Децата редовно одат на училиште, бегствата се драстично намалени, се вклучуваат во креативни работилници, организираат изложби и немаат судир со законот, што порано беше секојдневие. Тоа нè уверува дека и во овие нови групни домови за децата со нарушено поведение, ќе обезбедиме грижа, поддршка и стручна работа, што ќе им помогне на децата да се развијат во креативни и исполнети личности“, изјави Виолета Масевска-Палиќ, директорка на Јавната установа за згрижување деца со социјално-воспитни проблеми и нарушено поведение „25 Мај“.
Во изминатите две години отворивме вкупно 20 мали групни дома за деца и уште три за возрасни, а бројот на лица долгорочно згрижени во институциите го намаливме повеќе од една третина.
„Во летото 2017 најавивме дека нема да има повеќе деца до тригодишна возраст згрижени во институции до крајот на 2020 година. Многумина беа скептични. Тогаш во шесте социјални институции во земјата беа сместени 180 деца до 18-годишна возраст. По малку повеќе од две години, денеска во институциите имаме уште 5 деца до 18-годишна возраст. Со увереност може да најавам дека до крајот на годината, ниту едно дете под 18-годишна возраст нема да биде сместено во институција во Северна Македонија. Бидејќи секое дете заслужува грижа и топол дом“, дополни Царовска.
Со трансформацијата на институциите се отворија и нови работни места. Со вложување во нови вработувања и во развој на човечките ресурси, обезбедуваме вистински квалитет на грижата, додава министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

