Македонија
Силјановска-Давкова со 8 прашања, како граѓаните да се решат дали и за кого ќе гласаат на изборите
Во својот говор на синоќешниот митинг во Крива Паланка професорката Горданa Силјановска -Давкова порача дека оваа власт не креира рационални политики, оти да креираше рационални политики, почнувајќи од образованието, здравството, социјалната заштита, меѓународната политика, граѓаните немаше да се чувствуваат понижени.
– Се наоѓате пред многу важен момент, да донесете клучна одлука. Како да го направите изборот? Прашајте се, прво, дали подобро живеете? Дали ви е подобра економијата? Дали ви е подобро здравството? Дали ви е подобра социјалната заштита? Дали се чувствувате посигурни? Дали вие сте горди на оваа власт? Дали мислите дека власта е горда на вас? Дали мислите дека се горди на Македонија ако се плашат да го изговорат тоа име? Дали мислите дека се горди на сите кои гинеле за Македонија ако постапуваат, не според државните и националните интереси, туку според личните и олигархиските интереси?, рече Силјановска-Давкова и додаде „дека часовникот го отчукува заминувањето на оваа делигитимирана власт и дека набрзо ќе го отчука времето на промените врзани со новата власт, како на претседателско ниво, така и на парламентарно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Имаме чувство дека српски служби пробуваат да го ослабнат СДСМ, велат од оваа партија
Имаме чувство дека странски служби работат за различни цели, велат од СДСМ.
„Излезе информација дека странски служби дале информација за Груби дека е во опасност.
Беше 14 месеци, како што вели ВМРО (изгледа имале информации, а никој не го барал), на Косово и во Албанија – без никаква опасност.
А сега е во опасност во затворот Шутка, покрај сите мерки за обезбедување.
Посигурен е дома. Тоа сигурно – храната стигнува од ресторани, а и на телевизија има интересни содржини. Како во хотел.
Она што не го кажа Мицкоски е од која странска служба ја добиле информацијата, бидејќи како што се гледа од изјавите за медиумите од МВР и АНБ, никој ја нема таа информација“.
Од СДСМ прашуваат дали информацијата му стигнала од српска или од руска служба.
„Може ли тоа да ни го каже, или и тоа е тајна?
Исто така, покрај ова што наводно го прават странските служби во земја членка на НАТО, имаме чувство дека истите тие служби се занимаваат и со членови на СДСМ.
По бројните обиди за слабеење на СДСМ одвнатре, кои што не успеаа, истиот модел продолжува.
Така, имаме чувство дека поединечни членови продолжуваат контакти со служби, одат во амбасади, одат на ручеци – како што одамна прават некои т.н. новинари кои се во служба на водење антиевропска кампања со цел јакнење на руското влијание во Македонија“.
Македонија
Сали-Брунер: посебно внимание на имплементацијата на системот за влез и излез на ЕУ и неговото влијание врз професионалните возачи од регионот
Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, при што беа разгледани клучните прашања поврзани со процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, управувањето со миграцијата, граничната безбедност и борбата против организираниот криминал.
На средбата беше потврдена цврстата определба на Владата за продолжување на реформите во рамките на кластерот „Основи“, со посебен фокус на владеењето на правото, јавната администрација и заштитата на фундаменталните права.
Сали ја нагласи посветеноста на Северна Македонија кон исполнување на отворачките мерила и одржување на реформскиот моментум.
Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез и излез на Европската Унија и неговото влијание врз професионалните возачи од регионот.
Министерот Сали ја истакна потребата од прагматично и пропорционално решение кое ќе ја зачува економската стабилност и ќе обезбеди непречено функционирање на синџирите на снабдување, имајќи предвид дека Северна Македонија е земја која целосно зависи од патниот транспорт.
Во делот на миграцијата и граничното управување, беше нагласено дека Северна Македонија останува сигурен партнер на Европската Унија, со целосна имплементација на Статусниот договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража и активно учество во заедничките операции
Двајцата соговорници ја потврдија важноста од продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и криумчарењето мигранти, како и зајакнување на размената на информации и оперативната координација.
Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали ја реафирмираше определбата на Северна Македонија за целосно усогласување со европските стандарди и продлабочување на институционалната соработка на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
ЕСЧП донесе пресуда во корист на затвореник кој бил тепан од полицаец во „Идризово“
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот Комитет за човекови права информираат дека Европскиот суд за човекови права вчера донесе одлука по пат на унилатерална декларација во предметот Фитим Муслиу против Северна Македонија, поднесена на 30 август 2022 година.
Предметот се однесува на настан од 3 август 2020 година, кога осудено лице било физички нападнато и тепано од припадник на затворската полиција пред кантината во затворот „Идризово“. Како последица на нападот, затвореникот се стекнал со телесни повреди.
Во врска со настанот беше поднесена кривична пријава до ОЈОГОК против командир на затворската полиција во КПД Идризово за кривичните дела „Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување (член 142 став 1 од КЗ), Малтретирање во вршење на службата (член 143 од КЗ) и Расна и друга дискриминација (член 417 став 1 од КЗ). Кривичната пријава беше отфрлена, по што беше поднесена жалба до Вишото јавно обвинителство, кое го потврди решението на ОЈОГОК.
Пред Судот во Стразбур, апликантот се жалеше на повреда на член 3 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), тврдејќи дека бил изложен на нечовечко постапување од страна на затворски службеник и дека домашните власти не спровеле ефективна истрага за наводите.
Според МЗМП и Хелсиншкиот Комитет за човекови права оваа одлука ги потврдува долгогодишните системски недостатоци во затворскиот систем, како и неефикасноста на внатрешните и надворешните механизми за пријавување и гонење случаи на тортура и нечовечко или понижувачко постапување кон осудените лица.
„Ја поздравуваме одлуката на Судот и потсетуваме дека според неговата утврдена пракса, државата има позитивна обврска согласно член 3 од ЕКЧП да ја заштити физичката благосостојба на лицата лишени од слобода, кои се во особено ранлива положба бидејќи се под целосна контрола на властите. За таа цел, државата мора да преземе навремени и ефективни мерки за истрага и санкционирање на одговорните лица“, се наведува во соопштението и се додава дека оштетениот бил застапуван од адвокат Диме Ѓорчевски од Скопје, член на тимот на адвокати на МЗМП.

