Македонија
Синдикатот побара разрешување на директорот на „Водовод“, тој ги негира обвинувањата
Жалам што синдикалната борба и борбата за работнички права поради лични интереси на некои поединци се сведе на лична пресметка со мене, но морам да одговорам на обвинувањата што претставниците на ССМ ги упатија кон мене, изјави на прес-конференција в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Марјанчо Митовски, одговарајќи на синдикалните обвинувања упатени до него.
Тој рече дека до овој момент против него како директор на ЈП „Водовод“ нема пристигнато ниту една пријава за мобинг, а што се однесува до наводните пресметки, распоредувања и откази, тој потенцира дека до овој момент ниту еден редовно вработен во ЈП „Водовод и канализација“ не е избркан од работа.
„Точно е дека има хоризонтални поместувања, кои не се со решенија, односно не се трајни, туку се привремени задолженија поради реални потреби на претпријатието. Ниту им се скратени платите на овие 10-ина привремено прераспределени, ниту им се намалени бодовите за плата ниту, пак, се деградирани на каков било начин. Она што е точно е дека од нив се бара единствено да работат и да си ги извршуваат своите работни задачи за кои се платени. Она што исто така сакам да го коментирам, а за кое проструи информација во јавноста, е дека информацијата оти на госпоѓата Лила Димовска ѝ се скратени привилегиите како платено отсуство додека не е на работа 6 месеци е точна, а за што не постои ниту еден друг таков пример во ова претпријатие“, рече Митовски.
Во врска со обвинувањата за бркање десетици лица од „Водовод“, тој рече дека неговиот претходник ги ангажирал преку агенција за привремени вработувања на кои по завршувањето на потребата за нивен ангажман, не бил продолжен бидејќи претпријатието нема потреба од нивните услуги.
Негира дека се водат дисциплински постапки против 40 лица.
„Постојат неколку дисциплински поради тешки повреди на работното место, кои биле констатирани од внатрешната ревизија за кои следува постапка по службена должност. Ниту јас ниту кој било од ова претпријатие не презел мерки против вработените на нивна штета. Јас во ова претпријатие работам 12 години и јас сум дел од овој колектив и исто како и моите колеги носиме исти одговорности и исти права“, додаде Митовски.
Ги охрабри синдикалците максимално да го искористат своето право на штрајк да се борат за работничките права сега кога за тоа имаат можност.
„Кога бев јас жртва на мобинг, кога моите права беа прекршени, ниту овој ниту кој било друг синдикат немаше можност да застане во одбрана на моите работнички права ниту, пак, на моите колеги, бидејќи беа заплашувани, уценувани и замолчувани. Сакам да обрнам внимание на уште една информација, која претставниците на ССМ сметаа дека е важна да ја објават. Лекарскиот записник што денес Дарко Димовски сметаше дека е неопходно да го објави е доказ во судска постапка во која јас тужев за мобинг врз мене. Сакам да го информирам господинот Дарко Димовски дека со објава на докази дадени во судска постапка, кои не се анонимизирани, односно што содржат лични податоци на инволвираните страни, Димовски изврши кривично дело по член 149 – злоупотреба на личните податоци од Кривичниот законик на Република Македонија“, рече Митовски.
Претходно, синдикалната организација на „Водовод и канализација“ и Синдикатот на угостителството, туризмот и комуналните дејности (СУТКОЗ) денеска побараа од градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, да го разреши в.д. директорот на претпријатието, Марјан Митовски, поради, како што велат, незаконско работење.
Од Синдикатот беше презентиран и документ од специјалист дека в.д. директорот има „мешано анксиозно и депресивно растројство“.
„Градоначалникот именува директори на јавните претпријатија и градоначалникот разрешува директори на јавни претпријатија и во согласност со тоа ја сноси целокупната одговорност за нивните постапки и активности, како и ја сноси одговорноста за нивниот избор и назначување“, истакнаа од Синдикатот.
Синдикатот донесе одлука за користење на правото на штрајк, која се очекува утре да биде потврдена на највисокиот орган на Синдикатот – СУТКОЗ по што ќе биде известено Министерството за труд и социјална политика веднаш да определи помирувач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.
Македонија
Инвеститори граделе без одобрение во Охрид и Струга, инспекторатот наложил уривање
СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.П. (46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според полицијата, таа како инвеститор, на катастарска парцела во охридското село Љубаништа, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежниот сектор во општина Охрид, изградила објект за домување. Надлежен инспекторат донел решение за отстранување на градбата.
ОВР Струга, пак, поднесе кривична пријава против М.М. (58) од Струга, исто така поради сомнение за „бесправно градење“. Пријавениот, како инвеститор, без правосилно одобрение од општинскиот орган, изградил објект за домување и гаража на катастарска парцела во Струга.

