Македонија
Сиромаштија: Речиси половина милион Македонци имаат по еден оброк дневно

Околу 445.000 македонски граѓани имаат проблем да обезбедат храна или, пак, имаат по само еден оброк дневно, покажува анализата на граѓанската коалиција „Ајде Македонија“.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска оствари работен состанок со министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, со претставници на граѓанската коалиција за овозможување на донирањето на вишоците на храна „Ајде Македонија“, „Македонска платформа за борба против сиромаштија“, „Ретвитни оброк и Вистински дела на љубезност“, претставник на Агенцијата за храна и ветеринарство и директорот на Националниот демократски институт, Крис Хеншоу.
Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека на состанокот претставниците на граѓанската коалиција ги презентирале наодите од анализата со која се утврдува колку граѓани во Македонија имаат проблем да обезбедат храна и колку од друга страна се фрла храна.
„Анализата утврдила дека околу 445.000 граѓани имат проблем да озбезбедат храна и во просек имаат по еден оброк во денот, а се фрла помеѓу 4.500 и 6.500 тони на храна со вредност помеѓу 8 и 11,6 милиони евра, која има потенцијал да нахрани околу 13.000 граѓани со по 3 оброка дневно“, соопшти Министерството.
Причината за фрлање на храната, се вели во соопштението, лежи во неколкуте законски пречки како што се одговорност од несакани последици, но и даночните проблеми при што беше побарано да се воведе едноставна процедура за даночни поттикнувања за оние кои ја донираат храната, да се изготви владина програма за поддршка на граѓанските организации кои би ја дистрибуирале храната, да се направи список на храна која може да се донира по поминувањето на нејзиниот рок, итн.
„Владините претставници изразија задоволство од иницијативата која ја водат граѓанските организации при што се искажа волја да се преземат мерки за надминување на моменталните состојби. За таа цел се договори во идниот период да се формира работна група од претставници на институциите и граѓанските организации за да се операционализираат мерки кои би го овозможиле донирањето на вишоците храна и би се помогнало на илјадници социјално загрозени граѓани“, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.