Македонија
Систем „Една точка на услуги“: граѓаните на една локација ќе може да добијат услуги од повеќе министерства и институции

Премиерот Зоран Заев заедно со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска, во Скопје, го најави почнувањето на проектот „Една точка на услуги“, што ќе овозможи на едно место да се добијат повеќе услуги од повеќе министерства и државни институции, со што значително ќе се намали времето на чекање на граѓаните при добивањето на услугите и ќе придонесе за создавање јавна администрација како вистински сервис на граѓаните.
„Овој настан не можеше да биде организиран во подобро време бидејќи се случува во период кога нашата земја во наредните неколку месеци треба да испорача видливи резултати во реформите, меѓу кои се вклучени и реформските промени во јавната администрација. Во оваа просторија на граѓаните им се овозможува на едно место, на една локација, да добијат повеќе услуги, без потреба да одат од институција до институција, а со тоа и да имаат повеќе драгоцено време, кое нема повеќе да го трошат непродуктивно“, рече премиерот Заев, кој самиот ја испроба постапката за вадење уверение за државјанство на еден шалтер во постапка која траеше неколку минути.
Министерот Манчевски информира дека промовирањето на денешниот „Систем за услуги“ е само почеток на еден поголем проект за воспоставување вакви канцеларии во форма на „Една точка за услуги“ и во други градови во Северна Македонија.
„Веќе имаме проектирано решение за „Една точка за услуги“ во другите градови. Таму одиме еден чекор понапред и целосно ги укинуваме шалтерите. Граѓаните ќе седат на иста маса со вработените во институциите и ќе разговараат. Без бариери и рамноправно, непосредно, со основна човечка комуникација. Некои од овие канцеларии ќе се отворат со редефинирање на интернет-клубовите што веќе постојат во градовите, а таму каде што овие простории не ги исполнуваат потребните предуслови, ќе биде обезбедено друго место“, рече Манчевски, кој истакна дека со измените главната цел е да се сменат лицето и имиџот на јавната администрација преку менување на начинот на кој граѓаните и фирмите ги добиваат услугите.
Од Владата информираат дека со системот „Една точка за услуги“, кој е сместен на улицата Димитар Влахов бр. 4, во старата зграда на Комерцијална банка, зад Уставниот суд на Република Северна Македонија, граѓаните на едно место ќе може да добијат неколку десетици услуги и информации, и тоа од следните институции: Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижностите, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево време со температура до 25 степени

Времето денеска ќе биде поведро и посвежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 8, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на сончево и потопло време со мала до умерена облачност и со умерен северен ветер. Денеска и во среда утринските температури ќе бидат пониски, а дневните ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Чучер Сандево денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Побожје, Бродец, Малино, Танушевци, Брест во општина Чучер Сандево.
Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.