Македонија
Сиљановска ја образложи одлуката за ветото, Мицкоски најави корекции: „Ќе биде прецизно формулирано“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека немала намера да употреби вето за да навреди некој јазик или нација, ниту, пак, се водела од партиски совети.
Таа рече дека за спорните членови 9 и 10 од Законот за заштита на децата ги информирала Владата и надлежните министри пред да го достави указот до Собранието и се водела од Уставот, Законот за македонски јазик и Законот за употреба на јазиците.
„Јас не сум законодавец, нема да предложам решение, не сум Уставен суд, значи нема да го оценувам преку ветото, само упатив повик уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10 и да се размисли дали ваквиот начин на полагање и добивање на лиценца нема да внесе или да отвори простор за дискреционо овластување“, изјави Давкова одговарајќи на новинатско прашање, појаснувајќи дека во предложеното законско решение, формулацијата најмалку 20 проценти, не е како што е во Уставот и законите.
Давкова рече дека кога испитот се полага на албански јазик, не е спорно да се добие и лиценца на албански јазик, но во членовите има одредби што парламентарниот состав треба уште еднаш да ги прочита.
Од Владата претходно порачаа дека Законот за заштита на децата ќе биде доработен според забелешките на претседателката, па повторно вратен во собраниска процедура, а на прашањето денес се осврна и премиерот, Христијан Мицкоски.
„Како што сум информиран станува збор за член 9 и 10 од истиот закон, и тие два члена, така како што се формулиани се спротивни на Уставот и на Законот за јазиците. Мислам дека е формалност и рутина и ќе бидат коригирани во согласност со Уставот и Законот за јазиците, и вратени во парламентарна процедура. Очекувам успешно усвојување. За сите оние кои влегуваат во рамките на Законот за употреба на јазиците, станува збор за сите оние припадници кои се повеќе од 20 отсто, несмасно е сето тоа направено, тоа е една формулација која ќе се надмине наскоро. Се знае, службен јазик е македонскиот јазик, но сите оние во случајот Албанци кои ќе сакаат и ќе побараат на албански да биде формуларот за полагање на лиценцата, ќе биде тоа прецизно формулирано и согласно уставот и законот за јазици ќе го добијат тоа право“, рече Мицкоски.
Законот за заштита на децата е првиот закон за кој Сиљановска го употреби правото на вето и не го потпиша указот. Спорни според нејзе се одредбите од законот кои предвидуваат двојазични лиценци во градинките, бидејќи како што стои во забелешките „начинот на употреба на македонскиот јазик и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните“ се веќе уредени со Закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.
Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.
Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.
Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.
Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.

