Македонија
Скопско Инџиково добива градинка за 48 деца, премиерот и министрите направија увид на градежните работи

Општина Гази Баба ќе добие нова градинка во населба Инџиково, која се гради со средства од државниот буџет, преку проект од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и градоначалникот Бобан Стефковски, денеска извршија увид на градежните активности.
Како што појасни градоначалникот Стефковски, градинката се гради на површина од 490 метри квадратни, ќе биде приземјен објект со висина од 3 метри, ќе има три занимални и други помошни простории, со капацитет за згрижување на 48 деца, 36 деца над 2 години и 12 деца до 2 години.
Градоначалникот Стефковски изрази благодарност на владината поддршка и истакна дека таа е вистински партнер на граѓаните и општините, која ги препознава потребите и барањата на граѓаните.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изрази задоволство од напредокот на изградбата на објектот.
„Овој проект е насочен кон подобрување на условите за најмладите, за нашата иднина. Ова е проект еден од четирите од првиот владин повик во насока на подобрување на капиталната инфраструктура. Општина Гази Баба во првиот јавен повик доби околу 190 милиони денари, на вториот аплицираше со 16 проекти, приближно со 600 милиони денари и во периодот што следи граѓаните може да очекуваат градежен бум кој значително ќе ги подобри условите на инфраструктурата“, истакна Перински.
Изградбата на градинката, како што порача министерот Лимани, е дел од пошироката заложба на Владата за рамномерен развој и грижа за секое дете, во секое населено место и информираше дека годинава се очекува да започнат со работа повеќе од 10 детски градинки, кои ќе овозможат сместување за над 1500 деца, а уште 15 градинки се во подготовка или во тек изградба.
„Самата постапка на промена на ресорите во самата Влада уште на почетокот на мандатот на оваа Влада, значеше дека тогашното Министерство социјална политика и труд ќе добие поинаква конотација и поширока надлежност, особено во делот на демографијата и младите. Овој објект е токму во таа насока, бидејќи колку повеќе градинки и училишта, толку подобри услови за нашите најмили, а тоа се дечињата. Тоа е еден предуслов за подобра демографија и повеќе дечиња да имаме на коишто ќе се радуваме. Тоа е суштината на политиката на оваа Влада и токму поради тоа денеска Министерството е за социјална политика, демографија и млади“, истакна премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Владата на Мицкоски со своето неодговорно однесување се заканува долгорочно да ги загрози перспективите на земјава за членството во ЕУ“, велат од ДУИ

„Владата на Христијан Мицкоски, водејќи се од популистичкиот бран кој ВМРО ДПМНЕ го јавнаа уште кога беа опозиција, со своето неодговорно однесување, се заканува долгорочно да ги загрози перспективите на земјава за остварување на стратешката цел – членството во ЕУ“, велат од ДУИ.
„Иако го поставија како прв приоритет во рамките на новата Влада, Премиерот и неговиот најблизок круг целосно се откажаа од европското досие, и тоа веќе не го кријат во нивните настапи.
Не само со небулозното одбивање на Уставното дополнувања со неколку малцинства, туку Премиерот наоколу се фали дека новата Влада успеала да ја надмудри и Грција во изигрување на преспанскиот „Ерга омнес“ и се фали дека сѐ помасовно се изоставува делот „Северна“ од името на земјава.
Најавија дека ќе оформат иницијатива за создавање консензус по прашањето на европската перспектива на земјава, што е преставува добра интенција.
Но во јавноста секојдневно ги гледаме како внатре водат „лов на вештерки“ за тоа кој извршил поголемо предавство, кој кажал „Северна“, кој бара Уставни измени итн.; додека во исто време и надвор создаваат непријатели наоколу и меѓу соседите, и во Брисел и во останатите европски политички центри.
Денес Владата не само што нема консензус за европската перспектива, туку јавно се расфрлаат со некакви апстрактни гаранции, кои, парадоксално, ние ѝ ги наметнуваме на ЕУ како услов, небаре нам ни е местото да ставиме бенчмарк од наша страна, доколку Европската Унија сака да ги продолжи преговорите со нас.
Политичката перверзија оди дотаму што никој точно не знае какви гаранции всушност ние бараме. Има нејасни пораки од кого тие се бараат, кој треба да ги испорача, кој треба да ги ревидира, да потврди дека се исполнети, од кого имаме поддршка за тоа итн.
Владата свесно создава „нов спор за името“ кој треба да ја држи земјата надвор од интегративните процеси кои ќе значат извлекување на земјата од балканската кал.
Република Северна Македонија денес е меѓународно изолирана земја која ниту остварува, и која ниту има официјални билатерални посети од нашите сојузници и партнери.
Обратно, земјава влегува во разни контроверзни партнерства со автократи;обезбедува финансиски средства од сомнителни избори, под нејасни околности и услови; а и најавува влегување на сомнителни и контроверзни бизниси во земјава.
На земјава ѝ е потребна нова политичка платформа која ќе има јасна европска перспектива, преку зачувување на националното достоинство на сите граѓани и сите етнички заедници.
Оваа влада целосно го загуби легитимитетот за остварување на таква платформа и затоа се потребни предвремени парламентарни избори“, соопшти ДУИ.
Македонија
Дел од општините Карпош и Кисела Вода денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· Во периодот од 09:00 – 12:00 часот улицата Иван Аговски зграда бр.10 влез1, општина Карпош;
· Во периодот од 09:00 – 15:00 часот улицата Јабланица, улицата Саса, населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Сончево време со температура до 24 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени, информира УХРМ
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Во четврток кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд. Температурите ќе бидат под просекот за овој период од годината.