Македонија
Скопје и вечерва меѓу најзагадените градови во светот
Скопје е меѓу десетте најзагадени големи градови во светот според листата на IQAir.

Во текот на денов, главниот град постојано беше на врвот на листата според штетните честички во воздухот.
Со значително загаден воздух се и Кочани, Струмица, Тетово и Гостивар.
Што не смеете да правите кога загаденоста на воздухот е висока?
1. Не отворајте ги прозорците од домот кога квалитетот на воздухот е оценет како „загаден“ или „многу загаден“, што е во утринските, доцните попладневни и раните вечерни часови.
2. Во оние периоди од денот и воопшто во периоди кога воздухот е претерано загаден, не носете надвор доенчиња, мали деца и деца кои веќе имаат респираторна инфекција.
3. Излегувањето надвор со висока загаденост на воздухот треба да избегнуваат и бремени жени, пациенти со хронична астма и хронична опструктивна белодробна болест.
4. Не вежбајте на отворено и воопшто избегнувајте ги сите спортски или рекреативни активности, од пешачење до трчање, бидејќи за време на вежбањето бројот на вдишувања се зголемува меѓу 40 и 60 во минута, па затоа поголеми количини загаден воздух влегуваат во респираторниот тракт.
5. Не применувајте физичка активност во области со многу сообраќај и во области од секторот за топлинска енергија.
Што да направите кога загаденоста на воздухот е висока?
1. За почеток, пред да излезете надвор или да планирате да излезете надвор, дознајте го моменталниот квалитет на воздухот. За овие цели, на вашиот телефон можете да инсталирате голем број апликации кои го мерат загадувањето на воздухот во реално време.
2. Проветрувајте ги просториите на домот неколку пати во текот на денот и за тоа изберете ги периодите кога се очекува концентрацијата на загадувачи во воздухот да биде најмала, што е приближно помеѓу 11 и 15 часот.
3. Користете домашни прочистувачи на воздух.
4. Користете климатизери кои имаат соодветни филтри или се дизајнирани да не го вовлекуваат надворешниот воздух во дневната соба.
5. Користете природни средства за прочистување на воздухот во домаќинството, како што се растенијата.
6. Доколку навистина останувате надвор во периодот на зголемено загаденост на воздухот, правете почести паузи во движењето и дишете плитко.
7. Избегнувајте прометни улици и патишта каде што концентрацијата на загадувачи во воздухот е поголема поради издувните гасови од возилата.
8. Користете специјални маски за филтрирање за ПМ честичките, бидејќи обичните хируршки маски не помагаат.
9. Што се однесува до исхраната, лекарската препорака е во областите со прекумерно загадено воздух да се јаде храна богата со витамини Б, витамини Ц и Е и омега-3 масни киселини, што е поврзано со антиоксидантните и антиинфламаторните својства на овие состојки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

