Македонија
Славева: СДСМ во опозиција обвинуваше дека вакцинацијата е бизнис, а сега се закануваат со казни за невакцинирани
Ќе има ли одговорност и кој ќе одговара за епидемијата на морбили што ја зафати Република Македонија, запраша денеска пред Министерството за здравство, Маја Славева од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа рече оти кампањите на Заев и Филипче чиј основен мотив бил дека ако граѓаните ја поддржат промената на името, со влезот во ЕУ ќе добијат поквалитетни вакцини, веќе предизвикува катастрофа.
„Од опозиција во 2011 година водеа кампања против вакцинирањето во ек на епидемија, а сега откако прогласија епидемија на морбили набавуваат вакцини во вредност од над 10 милиони евра и се закануваат со казни за невакцинираните“, посочи Славева.
„Според СДСМ од опозиција масовното вакцинирање никогаш не се практикува во ек на епидемија, затоа што бил потребен период за да се создаде имунитет, а самата вакцинација не е доволна да се спречи епидемијата. Според СДСМ од власт вакцинирањето е задолжително и e обврска за родителите. На кое СДСМ треба граѓаните да му веруваат“, запраша претставничката на опозициската партија во изјавата пред Министерството за здравство.
Славева кажа дека односот на власта кон клучни прашања за здравјето на граѓаните покажува дека тие единствено водат грижа за собирање на ситни политички поени.
„Последица од прибирањето на ситни политички поени е и ситуацијата со епидемијата која директно е причинета од неодговорноста на СДСМ. Обвинуваа дека вакцинацијата е бизнис идеја, а сега набавуваат вакцини за над 10 милиони евра, во ек на епидемија. Крајно лицемерие и неодговорност кон граѓаните и кон нивното здравје“, посочи таа и додаде дека граѓаните секојдневно ги согледуваат лицемерието и неспособноста на оваа власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поднесено обвинение за упадот во просториите на редакцијата на „Инфомакс“
Јавен обвинител ја заврши постапката за прибирање докази и до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против едно лице за кривични дела – насилство и спречување на службено лице во вршење службено дејствие.
Обвинетиот на 10 декември извршил грубо насилство спрема двајца новинари во дневно-информативниот онлајн медиум „Инфомакс“, како и спрема гостин во нивната емисија, со што ги спречил во вршење на професионалната дејност.
„Додека емисијата „Тешки муабети“ се емитувала во живо на YouTube и на социјални мрежи, обвинетиот пишувал навредливи и заканувачки коментари за еден од новинарите поради критиките што во емисијата биле упатувани кон премиерот. Потоа обвинетиот дошол на адресата на која се наоѓа студиото, ја обил влезната порта, ги искршил и влезната врата од објектот и вратата на студиото, па како резултат на тоа емисијата била прекината. Еден од оштетените се обидел да го задржи обвинетиот да не влезе во студиото, но тој продолжил да вика и да им се заканува по живот, ги пцуел и ги навредувал присутните, а се обидувал и физички да ги нападне, замавнувајќи со рацете и фрлајќи со чаша кон нив. Оштетените повикале полиција, додека во меѓувреме успеале да го смират обвинетиот и да го извадат надвор на улица“, се наведува во соопштението од обвинителството.
Со насилничките дејствија обвинетиот предизвикал чувство на несигурност и страв кај оштетените и други присутни лица.
Медицинското вештачење на обвинетиот покажа дека и покрај неговата претходна душевна здравствена состојба, тој делото го извршил во состојба на пресметливост. Согласно тоа, јавниот обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор со цел негово обезбедување во текот на постапката.
Основното јавно обвинителство Скопје истакнува дека приоритетно постапува во сите предмети кои се однесуваат на евентуални напади врз новинари и загрозување на слободата на говор.
Македонија
(Видео) Општина Гази Баба почна со уривање дивоградби
Општина Гази Баба почна со уривање дивоградби. Градоначалникот објави дека од 5 часот утрово се урива дивоградба во Инџиково.
„За урбаната мафија нема место во Гази Баба. Законот мора да се почитува. Во Инџиково од рано утрово во тек е акција за рушење на бесправно изграден објект. Во моментот на акцијата, објектот беше во приземје – карабина фаза, со јасна намера за надградба на уште еден кат. И покрај донесеното решение од градежниот инспектор за стопирање на градбата и затворање на градилиштето, субјектот не постапил по решението и продолжил со градежни активности“, објави градоначалникот Бобан Стефковски.
Тој упати апел до сите граѓани да ги почитуваат законите и да не започнуваат градба без добиено Одобрение за градење.
Македонија
Грција со реакција на изјавата на Мицкоски: Името Северна Македонија е дел од Уставот
Грчкото Министерство за надворешни работи повтори дека Преспанскиот договор, со кој се реши деценискиот спор за името меѓу Атина и Скопје, е дел од уставот на Северна Македонија и е целосно обврзувачки за двете страни, како на меѓународно, така и на домашно ниво, објавија грчките медиуми.
Соопштението од грчкото Министерство следи по коментарите на премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека ефикасно ја вратил употребата на „Македонија“ на домашен терен.
Министерството нагласи дека уставното име на Северна Македонија е експлицитно дефинирано во член 1 од Преспанскиот договор, од кој е дел, и предупреди дека „секој обид за фалсификување или менување на содржината на договорот никогаш нема да биде прифатлив од грчката страна“.
Додаде дека договорот „е дел од меѓународното право и дека почитувањето на него е основа на мирниот соживот на луѓето и државите“.
„Во меѓународните договори нема фактички ситуации; нивното спроведување е униформно и универзално“, соопшти Министерството, истакнувајќи дека напредокот во билатералните односи и патот на Северна Македонија кон ЕУ „бараат строго почитување на договорите и почитување на принципот на добрососедски односи“.
Мицкоски на 15 декември, гостувајќи во дневникот на телевизија Сител, рече дека го вратил името на државата, одговарајќи на прашање за критиките од опозициската СДСМ дека не може да му се верува, меѓу другото, зашто ветуваше поништување на Преспанскиот договор, а тоа не е сторено.

