Македонија
Слави Трифонов до Николоски: Вие постоите затоа што Бугарија постои 1.300 години, не сме ние мизерни, ти си
Лидерот на политичката партија, Има таков народ, Слави Трифонов, скандалозно реагира на изјавата на вицепремиерот Александар Николоски, кој претходно ја нарече Бугарија нецивилизиран домаќин.
Трифонов во коментарот на социјалните мрежи напиша дека можел да биде многу груб, но љубезно ќе одговори, а потоа продолжи: „Вие постоите затоа што 1.300 година постои Бугарија. Зборувате затоа што бугарскиот јазик постои 1.162 години. И некој како тебе може да биде вицепремиер, затоа што луѓето како мене, наместо да го прават она што го чувствуваат и сакаат – се воспитани, релативно кротки и ги почитуваат правилата и законите на ЕУ. Ние не сме мизерни – ти си. А Бугарите во Северна Македонија не се слуги, туку вие сте слуга – претпоставувам на Србите. Единствениот правилен курс во оваа ситуација е што побргу да биде отповикан амбасадорот на Северна Македонија во Бугарија“.
Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостување на ТВ „Алфа“, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев, рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги. На изјавата реагираа бугарското МНР, кабинетот на претседателот Радев и голем број политичари од Софија. Бугарија официјално соопшти дека зборовите на Николоски ги оценува како провокација и ги информирала партнерските држави.
Новите вербални конфликти помеѓу двете држави почнаа со посетата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Софија, чија цел беше голем културен настан. Сиљановска за време на посетата оставари неформална средба со Радев кога се појави фотографијата на која двајцата се ракуваат, а зад неа е бугарското знаме. По реакциите дома и коментарите на опозицискиот СДСМ, кој го опиша настанот како дипломатски дебакл, од кабинетот на Давкова истакнаа: „Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата според кој не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарската страна“.
Бугарија потоа објасни дека македонското знаме не било истакнато бидејќи се работело за неформална средба.
„Ако државник од соседната земја доаѓа да пие кафе во Бугарија, треба ли да го истакнеме неговото знаме“, рече советникот на Радев, став кон кој се придржуваше официјално и политичкиот врв во Софија.
Тензиите дополнително ги подгреа потегот на бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков, кој одби да ја прифати протестната нота.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор
Со години, Комисијата за односи меѓу заедниците беше ставена на маргините, оценуваат од „Вреди“.
„Беше де факто ослабена од политиките на ДУИ. Нејзината улога беше ослабена. Ја изгуби реалната тежина во процесите на одлучување, иако произлегува од Охридскиот рамковен договор.
Од денес, тоа се менува. На чело на Комисијата е избран пратеникот на „Вреди“, Аднан Азизи. Тој ќе предводи нова фаза. Фаза на целосна функционалност и јасна институционална одговорност.
Комисијата повеќе нема да биде формалност. Таа ќе биде активен орган. Функционален механизам со реално одлучување и директна одговорност за правична и соодветна застапеност, употребата на јазиците, образованието и културата, со цел целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и Бадинтеровиот принцип“.
„Вреди“ како што додаваат од партијата, става крај на практиките на институционално занемарување. Законот за правична и соодветна застапеност, подвлекуваат дека ќе се спроведува со целосна сериозност. Според нив, институционалната еднаквост повеќе нема да остане само на хартија.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
