Македонија
Сончево време со мала до умерена облачност
Времето денеска ќе биде претпладне сончево, попладне со мала до умерена облачност.
Ќе дува умерен до засилен ветер од североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 13 степени.
Во Скопје претпладне сончево, попладне со мала до умерена облачност.
Ќе дува умерен, повремено и засилен ветер од северен и североисточен праве.
Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне 11 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓаните да бидат внимателни и да не отвораат лажни електронски пораки во име на директорот на БЈБ, предупредува МВР
Министерството за внатрешни работи известува дека до неколку граѓани, од страна на сторители кои лажно се претставуваат во име на директорот на Бирото за јавна безбедност, се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага.
Во пораките се даваат насоки за 24 часа да се оди до полициска станица или да се испрати повратен е-маил бидејќи наводно примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа кривични дела, како што се детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.
МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажни пораки кои не се испратени од страна на Бирото за јавна безбедност при МВР.
„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните, со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку е-маил адреси.
Апелираме до граѓаните да не отвораат ваквите пораки, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците. Исто така, апелираме граѓаните да не ги отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на било која електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“, соопшти МВР.
Македонија
Ментално здравје на младите – да ги препознаеме емоциите, а не да ги потиснуваме
Менталното здравје на младите станува сè поважно прашање во македонското општество. Според Светската здравствена организација, здравјето не значи само отсуство на болест, туку состојба на физичка, ментална и социјална благосостојба. Денес, младите се соочуваат со бројни притисоци – училишни обврски, очекувања, социјални мрежи, економска несигурност и потребата да се пронајдат себеси во свет кој брзо се менува.
Сите овие фактори често предизвикуваат емотивни состојби кои младите не секогаш знаат како да ги препознаат, именуваат или изразат. Тагата, стравот, вознемиреноста, лутината или чувството на празнина се појавуваат како тивки знаци дека нешто не е во ред. Наместо да бидат слушнати и разбрани, тие чувства често се потиснуваат – што со време може да доведе до анксиозност, депресија или самоповлекување.
Факти што не смееме да ги игнорираме
Според истражувања на UNICEF и Националната стратегија за млади:
29% од младите имаат умерени до потешки симптоми на депресија;
42% доживуваат симптоми на анксиозност;
57% од девојчињата на 15 години често чувствуваат тага или вознемиреност;
Половина од младите имаат емоционална чувствителност и чувство на плашливост,
а 44% избегнуваат непријатни спомени и чувства.
Овие бројки се повик на итна реакција – не само на здравствените институции, туку и на училиштата, семејствата и општеството во целина.
Емоциите како прв сигнал
Препознавањето на емоциите е првиот чекор кон заштита на менталното здравје. Младите треба да научат дека секоја емоција има своја порака:
Тагата зборува дека нешто ни недостасува;
Лутината дека нешто ни е неправедно;
Стравот дека ни треба сигурност;
Срамот дека сакаме да бидеме прифатени;
Радоста дека нешто е вредно да се сподели.
Учењето да ги именуваме и изразиме чувствата е основа на емоционалната писменост – вештина која се стекнува низ разговор, доверба и поддршка, а не со казна, споредба или омаловажување.
Семејството – најважниот простор за разбирање
Родителите се првата линија на поддршка, но често се чувствуваат беспомошно. Тинејџерските години носат бурни промени – и физички и психолошки – а многу родители не се подготвени да ги препознаат сигналите зад повлеченоста, раздразливоста или бунтовноста на своето дете.
Наместо осуда, младите имаат потреба од слушање, смирување и разговор. Семејството мора да биде место каде е дозволено да се каже „ми е тешко“, „ми е страв“ или „не се снаоѓам“.
Затоа е неопходно да се вложи во едукација и поддршка за родителите – советувалишта, програми за развивање емпатична комуникација и разбирање на адолесцентната психа. Родителите треба да знаат дека не мора да имаат одговор на сè – доволно е да бидат присутни, трпеливи и отворени.
Во нашето општество сè уште постои стигма поврзана со менталното здравје. Младите се плашат дека ќе бидат „осудени“ или „неразбрани“. Но секое дете и секој млад човек има право на разбирање, поддршка и безбедност.
Потребно е училиштата и заедниците да станат место каде е нормално да се зборува за чувства, а не да се кријат зад исмејување и осуди. Преку разговори, уметност, групни активности и едукативни програми, младите можат да научат како да се справуваат со емоциите, наместо да се борат против нив.
Менталното здравје не е привилегија – тоа е право.
Емоциите не се слабост – тие се јазикот на нашата внатрешна сила.
Секој млад човек заслужува да биде слушнат, разбран и поддржан.
Здружението „Биди Човек“ ќе продолжи да работи на создавање култура на разбирање и грижа – каде што менталното здравје се негува, а емоциите се прифаќаат како дел од човечкото искуство.
Македонија
Санкционирани 𝟣𝟥𝟦 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 03.11. до 09.11.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 134 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.

