Македонија
Сончево време со температура до 21 степен
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, поизразен во источните делови. Максималната температура ќе биде во интервал од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 18 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ предлага продолжување на рокот за легализација на бесправно изградени објекти до 2031 година
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата минатата недела поднела Предлог на закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти по скратена постапка.
Според пратеникот Бојан Стојаноски, целта на предложените измени е граѓаните да не останат со нерешен статус на своите домови поради административни препреки или бавни процедури.
Тој посочува дека голем број граѓани со години се соочуваат со судски спорови за имотно-правни односи и други постапки кои, како што наведува, не се по нивна вина. Актуелниот закон предвидувал рок на важност до 3 март 2026 година, што би значело дека предметите што се во тек би биле прекинати „по сила на закон“ во фазата во која се наоѓаат.
Со предложените измени:
Рокот се продолжува за дополнителни пет години, односно наместо 15, законот ќе важи вкупно 20 години – до 3 март 2031 година.
Се овозможува правна сигурност за општините како надлежни органи да ги завршат веќе започнатите постапки.
Не се предвидуваат нови барања, туку измените се однесуваат исклучиво на граѓаните кои веќе поднеле документација и чекаат на имотен лист.
Стојаноски истакнува дека иницијативата доаѓа како одговор на барање од Управниот одбор на ЗЕЛС и од општините кои, како што вели, секојдневно се соочуваат со проблемите на терен.
Според него, предложеното законско решение не предизвикува дополнителни финансиски импликации врз државниот буџет и ќе стапи на сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“, со цел да не настане правен вакуум.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.

