Македонија
Сончево и топло, попладне нестабилно со пороен дожд
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 33 до 39 степени. UV=8
Во Скопје сончево и топло, попладне со умерен развој на нестабилна облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Во следните денови во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и услови за краткотрајно невреме. За време на викендот и во почетокот на следната седмица на повеќе места ќе биде нестабилно, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и град. Дневните температури ќе бидат во постепено опаѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинители вршат надзор над работата на обвинителството за организиран криминал и корупција
Со одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, сите јавни обвинители од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска вршат контрола во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Претходно, согласно надлежностите на републичкото јавно обвинителство, контрола беше извршена во сите виши јавни обвинителства во државата. Надзорот се врши во согласност со член 21 од Законот за јавното обвинителство и Правилникот за вршење надзор над работата и постапувањето на јавните обвинителства донесен од Советот на јавните обвинители.
До крајот на годината ќе биде извршен надзор и над постапувањето на Одделението за меѓународна правна помош во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и над Канцеларијата за врски со Европравда во републичкото обвинителство.
Македонија
ЗНМ и ЕФН со заеднички напори за медиумска слобода и демократија во Македонија
Претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), претседателот Младен Чадиковски и извршниот директор Драган Секуловски, заедно со генералниот секретар на Европската Федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерез изминатите неколку дена остварија серија средби со првите луѓе од клучните институции во Македонија.
Работни состаноци беа одржани со премиерот Христијан Мицкоски , претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за правда Игор Филков и со ЕУ амбасадорот Михалис Рокас.
На средбата со претседателот на Владата и претставници на неговиот кабинет, Чадиковски и Гутиерез отворија важни прашања за унапредување на условите за работа на медиумските професионалци и усогласување на законската рамка со европските стандарди. Се дискутираше за подобрување на условите за медиумските работници, потребата од транспарентност и инклузивност при изработката на закони што ќе го унапредат медиумскиот сектор и ќе ја заштитат слободата на изразување, како и за потребата од создавање на Анти СЛАПП механизми, фонд за медиумски плурализам, кои ќе придонесат за создавање на стабилна и праведна медиумска околина.
Во Собранието акцент беше ставен на актуелните состојби со медиумскиот простор во земјава и за важноста од понатамошно унапредување на слободата на медиумите и независноста на новинарите. Од страна на ЗНМ беше нагласена потребата од професионален пристап при изборот на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), процес кој е во тек како и потребата во ова важно тело да има претставник на новинарската заедница. Тие апелираа при селекцијата да се имаат предвид критериумите за професионалност и независност на кандидатите.
На средбата со министерот за правда покрај актуелните предизвици со кои се соочуваат новинарите при вршење на нивната работа, се разговараше за СЛАПП тужбите кои создаваат притисок кај новинарите, финансиски и психолошки и го поткопуваат јавниот интерес, како и за потребата од заедничка соработка за правни реформи во согласност со европските стандарди.
Амбасадорот Рокас и неговите соработници беа информирани за потребата од механизми за заштита на новинарите од злонамерни тужби кои ја нарушуваат медиумската слобода, за фондот за медиумски плурализам што ќе обезбеди финансиска стабилност за независните медиуми и ќе го заштити јавниот интерес, а беше побарана и континуирана поддршка и помош од Делегацијата на ЕУ за унапредување на медиумската слобода и демократските вредности во земјава.
Овие средби претставуваат значаен чекор кон унапредување на медиумските слободи и зајакнување на демократските стандарди во Република Северна Македонија.
Скопје
Ѓорче Петров започна со изградба на нов паркинг простор во близина на спортското фудбалско игралиште „Македонски Лавови“
Општина Ѓорче Петров започна со изградба на нов паркинг простор во близина на спортското фудбалско игралиште „Македонски Лавови“ на булеварот „Македонска Војска“.
Со вкупна површина од 850 м², новиот паркинг ќе обезбеди простор за приближно 50 возила, со што ќе се подобри инфраструктурата и ќе се реши долгогодишниот проблем со непрописното паркирање во овој дел од општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски изврши увид во текот на градежните активности, кои се одвиваат според предвидената динамика. Со оваа инвестиција, општината уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон создавање на поуреден, безбеден и модерен јавен простор за своите граѓани.
Овој проект е дел од пошироката стратегија за унапредување на локалната инфраструктура, со цел подобрување на квалитетот на живот во нашата заедница.
=