Македонија
Сончево и топло со температура до 20 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло.
Ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 15 до 20 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 18 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По вчерашното труење со храна во “Димо Хаџи Димов, вонредна инспекција во кујните на девет основни училишта во Карпош
Инспекциски тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денес, спроведуваат вонредни инспекциски контроли во кујните на 9 основни училишта во Општина Карпош со кои стопансисува истиот оператор со храна во чија сопственост е и централниот магазин кој се наоѓа во основното училиште “Димо Хаџи Димов” во Скопје и од каде се набавуваат репроматеријали за подготовка на храна, соопшти АХВ.
„Во рамки на превентивните вонредните контроли во овие училишта, каде нема деца кои појавиле симптоми на труење со храна, се земаат мостри од храна и од работните површини за лабараториско тестирање.
АХВ ги чека резултатите од тестирањата на земените примероци храна и од работните површини во рамки на вчерашната вонредна инспекциска контрола која заедно ја спроведоа инспектори за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот здравствен и санитеран инспекторат и Ценатрот и Институтот за јавно здравје“.
Македонија
(Видео) Тренчевска: ДПМНЕ ја уби надежта на лицата со попреченост, нема зголемување на поддршката
Пратеничката од Социјалдемократаскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска, на денешните пратенички прашања, укажа дека се уште до Собранието не се доставени измените на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита со кои треба да се зголеми износот на надоместокот за правото на попреченост и посебниот додаток за децата со попреченост, и покрај тоа што амандманот за зголемување на надоместокот беше прифатен со ребалансот на Буџетот во јули 2025 година. Тренчевска упати прашање до заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кога ќе се донесат измените и дали ќе има зголемување во 2026 година на сите права од детска и социјална заштита.
„Со ребалансот на Буџетот во јули 2025 година беше прифатен амандман со кој се обезбедија дополнителни средства од 50 милиони денари за да се овозможи зголемување на износот на надоместокот за правото на попреченост и посебниот додаток за децата со попреченост.
Денеска сме 27 ноември, покачување нема, а ниту има доставено до Собранието измени на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита, како би можеле овие права да се зголемат во 2025 година.
Заменик-министер, им ја убивте надежта на лицата со попреченост дека ќе имаат повеќе приход во семејството. Си поигравте и со нив предизборно, ветувајќи им зголемување на надоместокот. Завршија изборите, тие ви поверуваа, а вие ги изневеривте“.
Тренчевска праша кога да се очекуваат во Собрание предлог-измените на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита со цел зголемување на овие права.
„И дали ќе има зголемување во 2026 година на сите права од детска и социјална заштита, со оглед на намалените средства во буџетот за 2026 година во делот на правата и надоместоците, кои се намалени за близу 2 милијарди денари“.
Македонија
Мицкоски: Главен фокус в година ќе бидат капиталните инвестиции, целта е да дојдеме до раст на БДП над 4 отсто проценти
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница во Собранието за пратенички прашања истакна дека в година главен фокус на Владата ќе бидат капиталните инвестиции и се очекува тие да бидат главен двигател во економијата, исто како што и оваа година од 3 % дојдовме на 3,4 % од БДП, а за третиот квартал се очекува и повеќе имајќи предвид дека само во градежништвото има раст поголем од 34 % во реализација и на капиталните и на приватните инвестиции во третиот квартал.
„Нашата цел е да дојдеме до реален раст на БДП од 4 % и повеќе во услови на ваква криза, особено во автомобилската индустрија и во услови на геостратешките политички консталации не само во Европа туку и пошироко и да дојдеме до номинален раст на БДП помеѓу 7,5 и 8 %, што веќе го правиме, бидејќи во првиот квартал беше 7,5 %, во вториот 7,8 %. Ова е она што претставува наша амбиција во ова време и да ги намалиме во тие услови и јавниот и државниот долг“, посочи Мицкоски.
Додаде дека ако ги гледаме 2025 година и додадената вредност, која ја креираме во економијата, и споредиме со задолжувањата, ќе видиме дека тоа е во однос 2 спрема 1 и затоа кога ќе прашаат каков е јавниот и државниот долг, одговорот е дека едниот е речиси 2,8 %, а другиот 3,5 % помал од оној што бил на крајот на 2024 година.
„Ако споредите со седум години СДСМ и ДУИ, ќе видите дека поголемо е задолжувањето отколку креираната додадена вредност во економијата. Тоа значи дека се задолжувале, а не создавале вредност, а ние во оваа година двојно повеќе создаваме вредност отколку што ја задолжуваме државата. Оваа влада домаќински се грижи за народните пари и може да ги планира соодветно, распределува, да инвестира соодветно за граѓаните да почувствуваат дека нешто добро се случува во државата во споредба со тоа како беше по принципот ‘како до сега’. И никогаш нема да ја научат лекцијата, им ги слушам пораките, дискусиите овде и сфаќам дека не сакаат да ја научат. Си кажуваат една работа, комотно им е тука во парламентот, убаво им е на малкумина, без да водат сметка како е во државата и каква одговорност имаат што седат во овие пратенички клупи“, потенцира Мицкоски.
Нагласи дека главна цел на Владата е да ги реализира капиталните инвестиции и во таа насока посочи дека сите капитални инвестиции, кои се дел од општините и ги финансира централната влада, „а вкупниот обем на тие, ако на тоа се додадат и програмите преку министерствата, доаѓаме до бројка од половина милијарда евра, додавајќи дека дел е досега завршен, дел во фаза на реализација, овие капитални инвестиции очекувам дека од 75 до 80 % ќе бидат готови.
Очекувам да бидеме при крај со автопатот Кичево – Охрид, во завршна фаза или најдоцна до првиот квартал во 2027 година, имаме мал проблем со проектирањето на косините, кои треба да ја стабилизираат земјата за да не ни се свлече за да нема инциденти, на линија се со потпретседателот на Владата и жестоки сме со компанијата, која си игра мајтап со трпението, и мислам дека треба да престанат да си играат мајтап и да го заврши она што требаше во февруари, па се продолжи до октомври и сега пак бара рок до февруари. Жестоко работиме на реализација на коридорите 8 и 10 д, очекувам да имаме огромен напредок, очекувам завршување на реализацијата на капиталните во други сегменти и почнување нови“, изјави Мицкоски.

