Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 1.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Руската црква: Му благодариме на Бога што ја прекина долгогодишната раздвоеност меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква

Светиот синод на Руската православна црква (РПЦ) го поздрави враќањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во единство со Српската православна црква.
„Решивме да му се заблагодариме на Бога што ја прекина долгогодишната раздвоеност и ја врати Македонската православна црква – Охридска архиепископија во евхаристиско и канонско општење со Српската православна црква“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Московската патријаршија по седницата на Синодот.
На почетокот на седницата на Светиот синод, патријархот Московски и на цела Русија Кирил го поздрави повторното обединување на МПЦ-ОА со СПЦ, оценувајќи го како „важен историски настан“, пренесе „Б92“.
„Ќе ве информирам за еден ваков добар и важен историски настан – обновувањето на комуникацијата меѓу Српската патријаршија и Охридската архиепископија“, рече патријархот Кирил.
Патријархот спомна дека се работи за долга поделба, која конечно оздравела.
Српскиот патријарх Порфириј во вторникот на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје по повод празникот Свети Кирил и Методиј соопшти дека СПЦ одлучила да ја одобри, благослови и признае автокефалноста на МПЦ-ОА.
Тој додаде дека ќе бидат информирани и повикани сите помесни цркви да го прифатат статусот на автокефалност на МПЦ-ОА.
Македонија
За еден ден казнети 166 пешаци поради поминување улица надвор од пешачки премин или на црвено светло

Министерството за внатрешни работи вчера спроведе засилена акциска контрола за санкционирање на прекршоци што ги прават пешаците.
Притоа, санкционирани се 166 пешаци од кои, 155 за небезбедно преминување на улица надвор од пешачки премин, пет за минување на црвено светло.
За време на контролата регистрирани се и 111 останати прекршоци.
Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови.
„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Пешаците да го минуваат коловозот на обележан пешачки премин затоа што непочитувањето на сообраќајните правила ќе биде санкционирано. Сите заеднички, со почитување на правилата, мора да придонесеме за побезбедни сообраќајници“, порачаа од МВР.
Македонија
Наталитетот зголемен, од почетокот на годината склучени помалку бракови во споредба со лани

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од оваа година, живородени се 4.009 деца и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е зголемен за 2.9 отсто.
Во првото тримесечје од 2022 година, умреле 7 427 лица, а од нив 12 се умрени доенчиња, што претставува зголемување од 7.2 проценти во споредба со истото тримесечје од 2021 година.
Природниот прираст е -3 418, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.
Во ова тримесечје од годината се склучени 2.468 бракови, а нивниот број е намален за 8.4 отсто во споредба со истиот период од 2021 година.
Во ова тримесечје се добиени 459 извештаи за разведените бракови.