Македонија
Сопругата на претседателот со порака за подигнување на свеста за ракот на дојката
Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска денеска присуствуваше и се обрати на настанот за подигнување на свеста за ракот на дојката “Race for the cure“ во Градскиот парк.
„Имаме двојна обврска во врска со едукацијата, превенцијата и лекувањето не само на ракот на дојката, туку и на вирусот кој се заканува да ја загрози жената која е веќе засегната од друга болест “, истакна г-а Ѓоргиевска, додавајќи дека е потребно да се обезбедат средства за сите центри за грижа за заболените жени, кои освен нега, нудат и она што е многу важно, а тоа е психолошката поддршка.
„Во текот на месецот октомври многу светски знаменитости ќе светат во розова боја, а со тоа да привлечат внимание за важноста од раната дијагностика од ракот на дојката и затоа денес ќе потсетам на главното правило во животот, подобро да се спречи отколку да се лечи. Ве молам практикувајте самопрегледување на градите, редовни посети кај лекарите и годишни мамографии.

Розовата панделка е симбол на борбата против оваа болест и симбол на поддржување на сите што се засегнати. Розовата панделка ја носат излечените, но и сите оние кои сакаат да ја подигнат свеста за оваа болест којашто е всушност, една од најсмртоносните болести кај жените. Исто така, сакам да го свртам внимание на потребата од собирање на средства за донирање во сите центри за грижа за заболените жени, кои освен нега, нудат и она што е многу важно, а тоа е психолошката поддршка. И, да не заборавиме: никогаш не е премногу доцна за промени кон здрав живот. Не е важно колку години имаме, промените во животот кон добро здравје не знаат за возраст. Да бидеме најдобри пријатели со своето тело и да ги слушаме неговите предупредувања“, рече таа.
На настанот се обратија и министерот за здравство, Венко Филипче и американската aмбасадорка во земјава, Кејт Брнс.
Организатор на настанот е Здружението „Борка“, коешто се приклучи на кампањата која се одвива речиси во многу европски држави и градови, а кај нас кампањата и финалните настани освен во Скопје ќе се одржат во 13 градови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костовски: Левица гласаше против поликлиника, водовод, мостови, финансиска помош за новороденчиња
Левица Бутел тргна цврсто по стапките на ДУИ во општина Бутел, отворено гласаше против се што ќе набројам, пишува градоначалникот Дарко Костовски на социјалните мрежи.
„На седница за буџет, советникот на Левица Бутел гласаше против:
-Нова поликлиника
-Доизградба на водоводот за Љубанци и Љуботен
-Традиционален турнир во Баскет во Радишани
-Традиционален турнир во фудбал за загинати бранители во Љубанци
-Нов мото собир во Бутел
-Детска градинка во населеното место Бутел 2
-Нова фасада на ООУ СВ Климент
-Изградба на пливачки затворен базен во ООУ “Ацо Шопов”
-Нови мостови на река Серава во Радишани
-Уредување и чистење на речното корито на Река Серава
-Финансиска помош за новороденчиња
-Реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел
-Реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици
-Изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација
-Изградба на нови спортско рекреативни центри
-Радишани
-Бутел 1, два спортски центри
-Нови детски игралишта
-Нови спортски игралишта
-Нов пешачки и пристапни патеки
-Поддршка на спортски клубови
-Спортски стипендии
-Парична помош за пензионерите
-Зголемен број на финансиски средства за помош на социјално загрозени семејства
-Финансии за културни и спортски настани
Добро е и тие малку граѓани што гласаа за Левица во Бутел да видат за што гласале, тој глас полека директно се претвара во глас за ДУИ. Одговорно тврдам.
Се надевам ова ќе ми биде последниот статус кога ќе направам равенство помеѓу Левица и ДУИ. Дека последен пат ќе се сомневам дека соработуваат. ДУИ ги интересира само згради во Бутел и тоа веќе на сите е јасно, Левица нема “причина” да биде неразумна !
Давам можност и време да се вразумат. Искрено го правам тоа.
Бутел ќе се развива се повеќе, и ќе се чува се повеќе, нема да дозволам бандити пак да ја водат општината. Затоа што народот јасно покажа каде да се движиме“, додава Костовски.
Македонија
Ведро, но студено утро време, сончев ден со северен ветер
Времето утре наутро ќе биде ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels

