Македонија
Со граѓански собир пред Собранието ќе се одбележи борбата против родителското отуѓување

Граѓанската иницијатива заедничко и одговорно родителство по развод годинава за првпат ќе го одбележи во Македонија 25 Април, Светскиот ден за борба против родителско оттуѓување, со граѓански собир пред Собранието на Република Македонија.
Ова беше најавено на денешната прес-конференција на која се обратија Наум Рибароски од Граѓанската иницијатива заедничко и одговорно родителство по развод и Драги Змијанац, основач и претседател на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.
„Основната цел на иницијативата на група родители за воведување на 50-50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство е да се смени сегашната неправедна положба во однос на остварувањето на родителските права по развод. Досегашниот концепт на еден главен родител на кого (доколку нема меѓусебен договор, што најчесто е тешко да се постигне при развод) му се доверуваат целосно децата на грижа и воспитување и еден спореден родител кој има крајно ограничено време за остварување на квалитетно родителство, е пред сѐ штетен за децата кои де факто го губат едниот родител. Затоа предлагаме нов концепт со кој двата родитела, и по развод, ќе продолжат да имаат еднакви права и обврски кон децата, исто како и додека биле во брак“, рече Рибароски.
Нивните барања ќе бидат доставени до Собранието и до Владата со надеж, како што велат, дека надлежните конечно ќе се свртат кон решавање на овој проблем, наместо досегашните изговори зошто не може да се реши.
„Детската амбасада ‘Меѓаши’ се залага да се даде ваква можност кога ќе оценат Центрите за социјална работа дека двајцата родители може да преземат еднаков дел од обврските во подигнувањето и воспитувањето на детето и негов правилен раст и развој. На овој начин двајцата родители ќе имаат исти права и обврски кон детето во неговиот раст и развој, како и при донесување одлуки за детето, односно ќе практикуваат одговорно и квалитетно родителство и по разводот. Доколку при ваква стартна позиција стручните тимови на Центрите за социјална работа, во согласност со однапред утврдени критериуми, утврдат дека двајцата родители можат да му понудат на детето квалитетно родителство, тогаш заедничкото старателство треба да биде појдовна основа. Но, даденото заедничко старателство во иднина треба да биде предмет на континуиран мониторинг и надзор од страна на стручните служби и преиспитување, односно следење на двајцата родители во остварувањето на нивните родителски права и обврски“, образложи Змијанац.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.