Македонија
Државата се соочува со недостиг на медицински кадар, порача министерот Филипче
Министерот за здравство, Венко Филипче, ги посети детското и очното одделение во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, каде заедно со директорот на болницата, Драги Богојески, и со градоначалникот Илија Јованоски разговарале за проблемите со кои се соочуваат лекарите во својата работа, но најмногу за потребите на болницата во однос на кадарот, опремата и инфраструктурното подобрување на болницата.
„Разговаравме за потребите од дополнителен кадар, најмногу за доктори и медицински сестри. Одредена бројка е веќе дозволена од Министерството за финансии, како што впрочем во сите здравствени установи во земјата, од јануари досега се примени 2.200 луѓе. Разговаравме и за потребата од специјализации, а по измената на Програмата за специјализации донесена на последната седница на Влада, прилепската болница ќе ги добие потребните специјализации, врз основа на процената какви кадри недостигаат. Со меѓународни финансиски институции, правиме процена кој дел во болниците треба инфраструктурно да се подобри, а разговараме за тоа прилепската болница целосно да се реновира, во смисла на тоа да се замени фасадата и да стане енергетски ефикасна“, изјави министерот Филипче.
Министерот за здравство потенцираше дека во моментов државата се соочува со недостиг на медицински кадар, а голем проблем претставува и недостигот на ментори за одредени специјалности. Од тие причини, како што рече Филипче, се размислува за повеќе модели, меѓу другото и за тоа како да се задржат постарите доктори на работа, за да ги едуцираат нивните помлади колеги.
Драги Богојески, директор на прилепската болница „Борка Талески“, рече дека болницата се соочува со недостиг на кадри во сите одделенија, а проблем претставува и старосната возраст на персоналот, заради голем дел од нив се наоѓаат пред пензионирање.
„Се надеваме дека заради недостигот од лекари, дел од нив ќе останат да работат уште некој период. Имаме недостиг во речиси сите одделенија, во очно, гинеколошко, хирургија, за скоро време така ќе биди и во ортопедското одделение. Не знам како ќе оди надминувањето на тој проблем, слушнавме од министерот дека во таа насока се прават одредени организациски пристапи. Во однос на опремата, од донација добивме колоноскоп, кој навистина ни недостигаше, а добивме и мобилен рендген-апарат за потребите на ортопедија. Се опремивме и со пациент-монитори, со апарат за анестезија, плазма стерилизатор, а во процедура е набавка на опрема за физикална терапија“, истакна Богојески.
Сепак, она што според директорот Богојески најмногу ѝ недостига на прилепската болница, се триесетина доктори специјалисти од различни дејности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

