Македонија
Со набиена агенда продолжува судењето за „ТНТ“
До 27 јануари во Основниот кривичен суд во Скопје секој ден се закажани рочишта за предметот „ТНТ“, кој е во завршна фаза. До донесување на пресуда, треба да заврши распитот на петмина од обвинетите.
Првично, првото, рочиште во 2020 за случајот кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ беше закажано за 17 јануари. На 31 декември преку соопштение од судот информираа дека се закажани нови рочишта, секој ден од 13 до 16 јануари. Потоа расправата продолжува на веќе закажаниот термин на 17 јануари во 10 часот, како и во период од 20 до 27 јануари секој ден во 10 часот.
Адвокатот на една од обвинетите во „ТНТ“ Мерџан Дауити вчера преку писмо го прозива Судскиот совет да не молчи.„Во текот на утрешниот ден охрабрете се, не потклекнувајте на никакви притисоци, закани, уцени или ветувања. Донесете законита одлука во интерес на владеењето на правото. Молкот е најлоша опција. Премолчувањето на незаконските постапки и вас директно ве прави сооучесници во истите. Донесете каква било одлука, но не молчете! Не секогаш молчењето е злато, во овој случај молчењето е одобрување на незаконско работење“, пишува Даути во писмото.
Судењето е во сенка на преписките и обвинувањата околу мандатот на една од поротничките. Адвокатите на обвинетите на неколку рочишта за случајот „ТНТ” укажуваа на судечкиот совет дека мандатот на поротничката Лилјана Ивановска-Кочовска е завршен на 24 декeмври 2019 и дека според Законот за кривична постапка, доколку дојде до каква било промена на составот на судечкиот совет, судската постапка мора да почне од почеток.
Во предметот „ТНТ” обвинети се поранешниот министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, вработени во Општина Гази Баба, како и поранешен премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно и студено со сончеви периоди, повремено ќе дува засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -4 до 3 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, претпладне во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 2 степена.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во вторник наместа дневните температури ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

