Македонија
Со новиот закон ќе биде забрането пушењето цигари пред игротеки и на места каде што се чека во редица за билети
Со новиот предлог-закон за заштита од пушењето е предвидено регулирање на пушењето на отворени јавни простори каде има присуство или движење на повеќе луѓе. Поконкретно, станува збор за простор околу здравствени, образовни и социјални установи, јавни настани, спортски и културни настани, како и места наменети за деца, млади и семејства.
„Ова е особено важен аспект од законската рамка, имајќи предвид дека кога луѓето се блиску, чадот и аеросолот директно се вдишуваат, а изложеноста е непосредна. На јавни отворени простори граѓаните немаат реален избор да се оддалечат, а особено децата, постарите и хронично болните. Законот интервенира само таму каде што постои неизбежна изложеност на други лица, со цел јавниот простор да биде здрав простор за сите“, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Посебен акцент е ставен нa локациите каде луѓето не можат реално да избегнат изложеност на чадот од цигари, како на пример, при чекање во ред, простори на отворено каде се престојува подолго и други јавни собири на отворено. За илустрација, луѓето кои чекаат во редица за да купат билет за влез во установа од областа на културата или за влез на спортски натпревар, реално не можат да избегнат изложеност на чад од цигари. Целта на предлог-законот е да се заштити здравјето на оваа категорија население.
Исто така, во делот на регулирање на пушењето на отворени јавни простори, посебно е ограничено пушењето на места наменети за деца, млади и семејства, како на пример пред детските игротеки, каде најмладите не би можеле да избегнат изложеност на чад од цигарите.
Отворен простор не значи автоматски безбеден простор, доколку истиот е функционално ограничен или кога луѓето се наоѓаат на мало растојание и се директно изложени на чад од цигари. Токму затоа, ова е еден од клучните аспекти на законската рамка за заштита на здравјето на населението, а особено на најмладите, појаснува министерот Алиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССНМ и ЗНМ: Остра осуда за континуираните напади и етикетирања на новинари и медиуми
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразуваат сериозна загриженост и најостра осуда на зачестените јавни напади, дисквалификации и етикетирања на новинари и медиуми од страна на политичката партија СДСМ.
Од таму велат дека последниот таков случај се однесува на јавното таргетирање и етикетирање на телевизијата АЛФА ТВ преку партиски соопштенија и јавни изјави, што, како што велат, претставува директен притисок врз медиумот и неговите новинари.
„Во изминатиот период, преку соопштенија на партиски ограноци, како и преку јавни изјави на лидерот на партијата и други високи партиски функционери, се забележува континуирана практика на таргетирање на новинари и медиуми со што се создава непријателска атмосфера кон медиумските работници. Оваа појава не може и не смее да се третира како изолиран инцидент, туку како јасна и загрижувачка тенденција која придонесува кон поткопување на слободата на изразување, медиумскиот плурализам и безбедноста на новинарите. Јавното етикетирање и дискредитирање на новинари и редакции од страна на политички субјекти носи ризик од дополнителна стигматизација и може да охрабри понатамошни притисоци и напади врз медиумските работници“, се наведува во заедничкото соопштение.
ЗНМ и ССНМ апелираат дека политичките партии не треба на ваков начин да комуницираат со медиумите и новинарите. Според нив, ваквиот тип на политичка реторика и конфронтација е неприфатлив кога е насочен кон медиумите.
„Медиумите не се и не смеат да бидат третирани како политички опоненти. Тие треба да бидат оставени слободно и без притисоци да ја извршуваат својата автономна новинарска улога, во интерес на јавноста и демократските процеси. Како еснафски организации кои ги застапуваат правата и интересите на новинарите и медиумските работници, апелираме до политичката партија СДСМ, но и до сите останати политички субјекти, да ги почитуваат професионалните стандарди, јавниот интерес и улогата на новинарството во демократското општество и да се воздржат од реторика која придонесува кон продлабочување на недовербата и притисокот врз медиумите. ССНМ и ЗНМ ќе продолжат внимателно да ги следат овие појави и да реагираат секогаш кога ќе бидат загрозени слободата на медиумите, професионалниот интегритет и безбедноста на новинарите“, пишува во соопштението.
Македонија
(Видео) Филипче: Нема да го поддржиме законот за „Безбеден град“
Ние сме конструктивна опозиција, но не сме контролирана опозиција, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во однос на поддршката на Законот за прекршоци. Тој кажа дека нема да го поддржат законот за „Безбеден град“.
Филипче појасни дека СДСМ никогаш не била против безбедноста во сообраќајот, но дека конкретниот закон содржи сериозни прашања кои не се регулирани.
„Нема да си дозволиме да поддржиме закон во кој што сериозни аспекти не се регулирани, а тоа е огромната база на податоци за што во законот не е укажано како ќе се контролира. Еве, седнаа на маса на лидерската средба, се договорија, ќе видиме што е договорот од тој пазар“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Во тој контекст, Филипче изјави дека СДСМ е за безбедност во сообраќајот, но и за безбедност на податоците што се прибираат преку системот „Сејф сити“.
„Во однос на системот „Сејф сити“, Законот за прекршоци, ние тој закон нема да го поддржиме. Ние не сме против безбедноста во сообраќајот. Доказ за тоа е што ние сме го почнале тој проект, меѓутоа не можеме да дозволиме системот парцијално да се имплементира. Освен што сме за безбедност во сообраќајот, ние сме и за безбедност на податоците, кои што повторно власта ниту го коментира тој дел, ниту се обидува да го регулира“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Филипче со заканите „ќе видите“ ги обвинува сите освен Заев и кланот Дубаи, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче денес одржа прес-конференција како од лош таблоид од доцните 90ти години на 20 век: многу зборови, а нула факти. Список на наводни скандали без ниту еден документ, без пријава и без храброст да каже конкретно што, каде и како, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Секогаш истото сценарио: „следуваат бомби“, „имаме информации“, „чекаме институции“. Зборува за буџетска дупка, а го заборави периодот кога СДС ја празнеше касата, а државата ја задолжуваше без план и одговорност. Денес, кога некој конечно ги средува работите, тие глумат загрижени. Наместо одговор зошто СДС нема политика, нема визија и нема поддршка, тој нуди приказни за згради во Дубаи, патувања и измислени афери. На крајот, ниту збор за решенија и предлози. Ниту за плати, ниту за економија, ниту за иднина. Само уште еден прес за да се создаде врева и да се скрие фактот дека СДС денес нема што да му понуди на народот. ПР стратезите на СДС и денеска помеѓу две тезги во БиХ и Србија, копираат исти наративи за полесно да им е. Но, не ги разбираме СДС и Филипче што немаат капацитет да проценат дека некој упорно ги лизга во зона на целосна нерелевантност“, се наведува во реакцијата.

