Македонија
Со реконструкцијата на „Мирослав Крлежа“ Дебар Маало добива пешачка и резидентна зона, вели Богдановиќ
Градоначалникот Саша Богдановиќ го најави капиталниот проект на општина Центар за улицата Мирослав Крлежа, чија реконструкција ќе почне за 45 дена, по завршувањето на постапката за јавна набавка.
„Полека, но сигурно станува реалност долгонајавуваниот проект за целосна реконструкција на ‘Мирослав Крлежа’ и пренамена на улицата во пешачка и резидентна зона. Најголем приоритет се жителите заради воведувањето резидентен паркинг, а сите граѓани ќе добијат нова и модерна пешачка зона за рекреација, со нова урбана опрема и со ново јавно зеленило. Преку реализацијата на нашите инфраструктурни проекти полека ја заокружуваме целината што ја најавувавме изминативе четири години, а тоа е Дебар Маало да биде резидентно маало и конечно да ги вратиме мирот и безбедноста на граѓаните што живеат во овој реон“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Од општината велат дека проектот се спроведува по барање на жителите што живеат во овој дел на Центар, а за него Општината ќе одвои 68 милиони денари од општинскиот буџет. Реконструкцијата ќе се изведе на површина од 6.000 квадратни метри, ќе се постават нови гранитни и травертин плочи, изработени од природни материјали. Исто така, ќе бидат поставени ново ЛЕД-осветлување, нова урбана опрема и јавно зеленило на површина од 693 м2 и дополнително ниско-средно зеленило со нови 100 садници.
За реализација на проектот, Општина Центар објави јавен конкурс во соработка со Архитектонскиот факултет во Скопје, каде што од најдобрите три решенија изработени од студентите се формираше едно идејно решение за основниот проект за реконструкција на улицата „Мирослав Крлежа“, во согласност со барањата и потребите на жителите во Дебар Маало.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

