Македонија
Со 43 штеки цигари тројца наши државјани сакале да летаат за Лондон, Царината им ги заплени

Тројца македонски државјани се фатени на Меѓународниот аеродром Скопје со 43 штеки цигари, дел со, а дел без акцизни маркици, сокриени во нивните куфери. Цигарите биле откриени при контрола со рентген, непосредно пред патниците да се качат на лет за Лондон.
Ова е само дел од серијата заплени што Царинската управа ги изврши во текот на изминатата недела, при засилени контроли на граничните премини и терминали низ државата.
Запленети се 15.603 литри средство за стакла за возила откриени на граничниот премин Блаце, во камион на влез во државата, без да бидат пријавени во царинските документи.
410 пара патики со ознаки на заштитена трговска марка се задржани на излез од државата, поради сомневање за фалсификат. Стоката потекнува од Турција и била наменета за фирма од Косово.
Во два случаи на граничниот премин Табановце се откриени 23 автоделови меѓу кои употребувани гуми, алуминиумски бандажи, вентилатори и ремени за товарни возила.
39.5 килограми кафе се пронајдени во автобус на влез во државата, спакувани во 36 пакувања по 1 килограм и 14 пакувања по 250 грама.
Во кабина на камион во пределот на горниот кревет се откриени и запленети 69 парчиња облека односно дуксери, панталони, маици, фармерки и тренерки.
Цариниците открија и два користени велосипеди во багажник на автомобил на Табановце, 44 кружни ножеви за циркуларна пила се најдени во автобус под седиштата на патниците, а на граничниот премин Делчево се запленети бугарски регистарски таблици и сообраќајни дозволи за возило кое било раходувано и без платени давачки.
Царинската управа информира дека мобилните тимови и службениците од граничните царински испостави откриле и спречиле повеќе прекршочни дела, и најавуваат продолжување на засилените контроли.
Институцијата апелира до граѓаните и фирмите да ги почитуваат законските прописи при увоз, извоз и транспорт на стока, со цел да се заштити економскиот систем и јавната безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Се случуваат големи отпуштања на вработени, а ветија нови работни места

„Јасно е, ВМРО-ДПМНЕ работи за олигарсите, граѓаните за нив се само бројка во избирачкиот список“, оваа порака ја упати вечерва Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина пред граѓаните во Берово.
Тој истакна дека „тоа е заклучок од нивната арогантност и незаинтересираност за потребите на граѓаните“.
„Нема никаква нова мерка за земјоделците, ги укинаа мерките на СДСМ што даваа резултат, ги скратија субвенциите за земјоделците. Фирмите молат за поврат на ДДВ, нешто што им следува законски, за да можат да бидат ликвидните, да инвестираат, да вработуваат. Сега наместо да отвораат нови работни места, дел од компаниите отпуштаат вработени. Видовме што им направија на пензионерите. Тие добија само 1.000 денари покачување на пензиите, а со моделот на СДСМ ќе земаа во просек по 2.000 денари за пензионер“, рече Филипче.
Притоа тој кажа дека „СДСМ како Влада покажа дека има механизми како да се заштити животниот стандард, како да растат платите, како да се заштитат компаниите. СДСМ донесе политики и во најтешките кризи кои дадоа резултати. Пред граѓаните Филипче кажа и дека и сега како опозиција понудиле решенија за да се стават под контрола високи цени на прехранбените производи, да се укине ДДВ-то, но и тоа како и другите предложени мерки било одбиено од ВМРО-ДПМНЕ“.
Македонија
Мицкоски: Завршува времето кога источниот сосед и неговиот премиер финансираше македонски политичари, за да овие му даваат подароци во форма на национални отстапки врз грбот на македонскиот народ

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати на денешниот народен митинг во Радовиш, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина! Мицкоски зборуваше на темата за состојбата со правосудниот систем во земјата. Според него, правосудството е слуга на политичките елити од минатата власт и истите остануваат неказнети, затоа што нивната заштита не е правдата, туку, како што вели тој, неправедниот систем, корупцијата, непотизмот, и врските кои тие ги направија во судството и обвинителството. Од друга страна, нервозата на оние кои се нафатиле да бидат слуги, според Мицкоски, не е затоа што јавноста им бара резултати, туку поради тоа што сега ќе мораат да дадат извештај за тоа како работеле и зошто немаат резултати.
„Објаснувањето за 2% доверба ќе го видите токму во потеклото на овие судии кои се или од СДСМ или од ДУИ. Но, иако се нервозни, иако на секое мое кажување на вистината за судството тие реагираат и паничат како да е загрозена нивната независност, треба да знаат и тие и нивните газди политичари дека доаѓа денот кога мора да се понесе одговорност “, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека нервозата е исто така присутна кај лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
„И затоа е нервозата е сè поприсутна кај претседателот на СДСМ, и затоа се тие негови нервозни реакции пред камерите и на митинзите, затоа што знаат дека ќе се соочат со одговорност и дека тоа нема врска со тоа кој на чија опција припаѓа, туку единствено има врска со криминалот кој што го правеа 7 години додека здружно беа влада со ДУИ “, кажа Мицкоски и додаде:
„И затоа се спремни на трикови, подземни игри и нечесни коалиции. Знаат, подготвени се да се сојузат и со црниот ѓавол само за да си ги спасат кариерите. И донекаде можам да ја сфатам играта на претседателот на СДСМ, која не е негова, туку со сите сили се труди да игра за да го спаси неговиот ментор, неговиот гуру“.
Мицкоски истакна дека истиот тој Филипче, се обидува да го брани неодбранливото.
„И можам да кажам, човекот навистина вложува многу енергија, се труди од петни жили, го брани неодбранливото, но треба да биде свесен дека секоја негова игра е прозирна и се гледа од месечината, каде јасно се гледа дека ова не е трка и борба за победа на СДСМ, туку трка и борба да си ја спасат сопствената кожа. Зошто? Ако беше поинаку, кога ќе ги видевте осојузени на едно место, на купче Венко, Димче, Али и Стевчо. Ете така, овие неславни ликови народот ќе ги порази исто така на купче на 19 октомври“, истакна Мицкоски.
Мицкоски на крај додаде дека времето кога бугарски премиер финансираше македонски политичари, а тие му испорачуваа компромиси на грбот на народот за национални прашања заврши.
„Завршува нивното време. Завршува времето кога источниот наш сосед и неговиот премиер финансираше македонски политичари, за да овие му даваат подароци во форма на национални отстапки врз грбот на македонскиот народ, а завршува времето на предавства, почнува времето на достоинствена политика, на факти, аргументи, исправен ‘рбет и резултати. Само така Македонија и сите заедно ќе победиме “, вели Мицкоски.
Македонија
Почивалец: Нов модерен плоштад и ослободување од надоместок за уредување на градежно земјиште за младите брачни парови до 30 години

Љупчо Почивалец кандидат за градоначалник за општина Радовиш од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати кон присутните и истакна дека во програмата има реални и изводливи проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните во Радовиш.
Почивалец претстави дел од проектите во програмата за овие избори.
„Уредување на речното корито и изградба на улици со целосна комунална инфраструктура од последниот мост до новиот парк „Воденица“. Нов модерен плоштад како централно место за културни и социјални активности – со поставување на урбана опрема, осветлување и простор за настани. Парк за рекреација и одмор на жителите, со пешачки патеки, детски игралишта и спортски реквизити кој ќе биде зелена оаза за здрав и активен живот. Уредување на Урбан блок 15 со нова улична мрежа, канализација и водовод. Булеварско уредување на улица „Македонија“, влезот на градот, со кружен тек за поголема безбедност и уреден изглед достоен за Радовиш. Уредување на јавните површини во сите населени места, за достоинствен изглед и функционални простори за граѓаните“ реч Почивалец.
Понатаму, Почивалец посочи и проекти кои се насочени кон младите во општина Радовиш.
„Драги мои, денес со особена гордост сакам да ви најавам и еден проект насочен кон младите, со кој ќе овозможиме намалување, а во одредени случаи и целосно ослободување од надоместокот за уредување на градежно земјиште за младите брачни парови до 30 години. Со оваа мерка ќе им ја олесниме патеката до сопствен дом и ќе им обезбедиме сигурна иднина – токму тука, во нашиот Радовиш.“ кажа Почивалец.
Почивалец на крај од своето обраќање ги повика граѓаните на општина Радовиш на 19 октомври да го заокружат број 9 за подобра иднина.
„Јас верувам во заедништво и сплотеност. Верувам дека кога работиме заедно, можеме да постигнеме големи работи. Мојот тим од советници е составен од професионалци од различни области, луѓе кои се докажале во своите професии и кои и порано и сега го вложуваат своето знаење и енергија за доброто на сите нас. И затоа на 19-ти октомври, сите заедно да излеземе и да гласаме за иднината! Заокружете го бројот 9! Гласајте за тимот кој работи и обезбедува реални решенија. Број 9! За професионална, одговорна и транспарентна локална власт. За континуитет и квалитет, за сплотеност и заедништво! За развој, на сите нивоа! Гласајте за чесност, за одговорност, за работни места и за просперитет“ заклучи Почивалец.