Македонија
Спасени двајцата параглајдеристи кои паднаа на непристапен терен на Галичица

Двајцата параглајдеристи кои паднаа денеска попладне на непристапен терен на планината Галичица се извлечени со помош на специјалци и хеликоптерите на МВР, по што се пренесени во болницата ,,Свети Еразмо” во Охрид, дознава Макфакс.
Станува збор за двајца параглајдеристи од Украина, кои попладнево полетале од Галичица на македонска страна и покрај неповолните временски услови, ветерот и укажувањата дека е ризично да го направат тоа. Тие завршиле на 500 метри на албанска територија, по што паднале на тешко пристепен терен.
Несреќата се случила попладнево околу 15 часот на планината Галичица. Според првичните информации тие изгубиле контрола додека летале во неповолни услови и паднале во близина на македонско-албанската граница.
Од МВР велат дека несреќата се случила на падините на Галичица, но на албанската страна поради што Единицата за специјални задачи на МВР заедно до хеликоптерската единица се упатиле во нивно пронаоѓање и извлекување.
Како што дознаваме од полициски извори, двајцата параглајдеристи полеталe на македонска територија, иако и покрај топлото време имало и силен ветер. Но, тие сепак одлучиле да полетаат иако им било укажано да не ризикуваат.
Што се слушувало конкретно за време на летот не е познато. Претпоставките на полицијата се дека тие изгубиле контрола во тек на летот и заминале на албанска територија.
Мажот и жената од Украина паднале на 500 метри на албанска територија во близина на македонско – албанската граница.
Жената е потешко повредена, додека другиот параглајдерист имал полесни повреди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица: Со почит кон борбата од минатото и визија за промени во сегашноста

По повод 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ Левица положи цвеќе на Могилата на непобедените и пред споменикот на Кузман Јосифовски-Питу во центарот на Прилеп. Во полна со дух и средечна атмосфера партиска делегација, предводена од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, одржа средба со граѓани на која беше презентирана програмата за Прилеп, се наведува во соопштението на Левица.
Симболиката на денов би требало да ја разбуди свеста на прилепчани и да покажат дека се народ кој е спремен за револуција, и на следните локални избори да изберат советници кои вистина ќе се борат за Прилеп, преку конструктивна критика и објективни одлуки, изјави Жарко Стеваноски, кандидат за советник во Општина Прилеп.
На народната средба носителот на советничката листа на Левица во Прилеп, Методија Костоски, ги претстави четирите главни приоритети на програмата.
„Прво ќе направиме сеопфатна ревизија на сите поголеми проекти, особено на тие што немаат технички прием, заедно со целиот движен имот со кој располага партијата. Следно е инклузија на граѓаните. Сакаме да ги отвориме вратите на општината и да ги вклучиме сите во процесот на одлучување. Трето, а можеби и најважно, е сообраќајниот хаос со кој се соочува Прилеп. Мора да почнеме со регулирање на сообраќајот. Ќе поднесеме иницијатива за укинување на платеното зонско паркирање. Четврто е контрола врз финансиското работење на јавните претпријатија“, истакна Костоски.
И покрај силната цензура кон нив, од Левица порачуваат дека нема да се предадат и ќе продолжат со директни средби со народот низ целата држава, за да ја донесат борбата за правда и транспарентност во секоја општина.
Македонија
Од утре секој ден по 15 часот ќе има блокади за загинатите во дискотеката „Пулс“

Од утре, ќе има мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мостот на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани. Блокадите ќе траат по еден час секој ден, во периодот од 15:15 до 16:15 часот, се додека не започне судењето.
Ова го најавија родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 март, од 26. „Марш за ангелите“ одржан денеска пред Основниот суд во Кочани, испровоцирани од тоа што, според нив, адвокати на осомничените изјавиле дека судењето ќе трае 10 до 15 години.
– Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите во трагедијата. Таквите зборови звучат како обид да се подготви јавноста за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме, рече мајка на загинато девоче пред новинарите.
Родителите на настраданите бараат да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Исто така, нагласија, рочиштата мораат да добијат приоритет и постојано темпо, со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Тие се сомневаат во манипулации или скриено забавување на судскиот процес, бараат јавно и транспарентно следење на сите процесни активности.
-Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, порачаа членови на семејства што загубија свои блиски во мартовскиот пожар во „Пулс“.
Денешниот 26-ти „Марш за ангелите“ во Кочани, вообичаено започна од „Паркот на Револуцијата“ каде и заврши. Попатно, петнаесетина минути беше блокиран сообраќајот на кружниот тек пред двојниот мост, токму на местото каде што од утре па натаму се најавуваат јавни собири и блокади.
Македонија
Жените од бизнис-секторот го поканија Орце Ѓорѓиевски на ручек

Актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода, претседател на ЗЕЛС и кандидат за прв човек на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски присуствувал на ручек со жени од бизнис-секторот.
Тој на Фејсбук објави дека на покана од мрежата „Јас сум жена“ денеска, заедно со неговата сопруга, бил на собир со жени претприемачи, универзитетски професорки, директорки , како што наведе:„силни, самостојни и успешни жени кои го движат Скопје и ја градат посилната Македонија“.
– Разговаравме искрено за предизвиците и за идеите што можат да го унапредат нашиот град. Едно е јасно – Скопје мора повторно да стане отворен град, град во кој комуникацијата со граѓаните и деловниот сектор ќе биде жива, достапна и продуктивна. Им благодарам од срце за силната поддршка која ми ја даваат, за инспирацијата и енергијата што ја носат, напиша Ѓорѓиевски на социјалната мрежа.