Македонија
Спасовски бара избори пред есен, поради најавите на СЗО за втор бран на коронавирусот

Техничкиот премиер Оливер Спасовски по состанокот на Советот за безбедност посочи дека институциите мора да превземат одговорност и за парламентарните избори кои треба да се одржат, бидејќи државниот систем треба да биде целосно функционален за да се справува со пандемијата. Според Спасовски, Владата барала нови 14 дена вонредна состојба за да имаат механизми за да го спроведат и третиот пакет економски мерки.
„Во овие моменти кога разговараме, една од причините за нови 14 дена вонредна состојба се темели и на тоа дека треба да носиме одлуки кои ќе значат поддршка на рестартирањето на македонската економија, поддршка на граѓаните, со цел да се надмине ова што ни се случуваше како резултат на здравствената криза“, рече Спасовски.
Според него, граѓаните треба да се свесни и да научат да живеат со пандемијата. Тој кажа дека анализите на експертите и СЗО покажуваат дека коронавирусот ќе има посилен интензитет во текот на есента и зимата, а тогаш, државата не смее да биде оставена без институции кои би функционирале со цел капацитет.
„Институциите мора да ја превземат целата одговорност. Ова би биле 14 дена во кои треба да ги завршиме сите апекти во делот на справувањето со економските последици со здравствената криза, да се продолжи со сите мерки кои ги донесе Владата. Едно треба да ни биде јасно, со пандемијата треба да научиме за живемее. Едноставно, секој граѓанин треба да биде свесен дека мора да живееме со паднемијата и согласно со тоа да се подготвуваме во наредниот период за такво однесување. Уште поважно е да имаме институции кои се функционални кои ќе носат одлуки. Ние сме во ситуација кога немаме парламент функционален. Затоа реков дека институциите мора да превземат одговорност и за парламентарните избори, за нова политичка Влада. Сите анализи на експертите и СЗО укажуваат дека ова ќе трае и дека може да добива интензитет во есента или зимата, а ние не смееме да ја оставиме државата без институции кои би функционирале со цел капацитет. Ова е нешто неминовно кое мора да го превземат сите институции“, рече техничкиот премиер Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.