Македонија
Спасовски – Дуџак: Државата добро се справува со ситуацијата со коронавирусот, ОН се подготвени да дадат поддршка
Премиерот Оливер Спасовски се сретна со Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации во нашата држава.
„На средбата е разговарано за мерките што ги презема Владата за справување со ситуацијата со коронавирусот и е оценето дека државата го презема потребното во заштитата на јавното здравје“, соопштија од Владата.
Пренесено е дека ОН се подготвени да дадат поддршка на нашата држава, таму каде ќе се процени дека е важно.
„Во справување со пандемијата од вирусот Ковид-19, во забрзување на економското закрепнување на земјата, во спроведување на реформите на патот кон членство во Европската Унија, семејството на Обединетите нации е подготвено да даде поддршка на Владата и на граѓаните на Северна Македонија”, соопшти Росана Дуџак.
Таа го изнесе ставот на ОН дека „заедно сме во овој процес и заедничка е обврската да работиме во интерес на сите граѓани на земјата, за во духот на Агендата за одржлив развој, никој да не заостане.”
Премиерот Спасовски се заблагодари за континуираната добра соработка на нашата држава со ОН и со канцеларијата во Скопје.
„Сите капацитети и ресурси, како држава, ќе ги насочиме да излеземе победници во оваа битка. Нашиот врвен приоритет е да го заштитиме здравјето на граѓаните и да обезбедиме функционалност на здравствениот систем. За таа цел напорите се фокусирани кон целосна поддршка на медицинскиот персонал, кон добрата организација, за што е формиран и Главен координативен штаб каде се споделуваат потребните информации од надлежните институции и се разгледуваат искуствата од државите во светот, со цел ефикасни владини одлуки и кон добар третман на луѓето носители на вирусот. Важно е и одржувањето на економијата. Затоа, сите мерки што ги носиме се кон реализацијата на овие две цели. Ги покренавме внатрешните капацитети, а секако дека е добредојдена и помошта од нашите пријатели од надвор, за што сме благодарни, на ЕУ, на другите земји со коишто е воспоставена соработката и секако тука изразувам благодарност и на ОН“, рече премиерот Спасовски.
На состанокот беше разговарано за помошта и поддршката што се важни за непречена работа на полицијата и на другите служби, вклучени во справувањето со ситуацијата со коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

