Македонија
Спасовски најави засилена соработката со граничната полиција на Црна Гора

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Подгорица, во рамки на дводневната работна посета на Црна Гора, каде што утре ќе се одржи форумот на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ, имаше билатерална средба со својот домаќин, црногорскиот министер за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ, на којашто се разговараше на повеќе теми од заеднички билатерален интерес, како и теми поврзани со регионалната и меѓународната соработка во областа на безбедноста.
Нагласувајќи ја досегашната извонредна соработка меѓу министерствата на двете земји, министерот Спасовски истакна дека од примарен заеднички интерес е унапредувањето и продлабочувањето на билатералната соработка, вклучително и во регионален контекст, пред сè во оперативна смисла, во развивање во делот на организираниот криминал, особено во борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, потоа трговијата со дрога, како и справувањето со илегалната миграција.
Оттаму, на средбата двајцата министри особено внимание посветија на соработката изразена и преку мулилатералните, но примарно и преку регионалните иницијативи, асоцијации и организации, а мотивирани од потребата за поефикасно координирање и спроведување на активностите со останатите земји од регионот и заземање заеднички ставови за прашања кои се од взаемен интерес.
Во тој контекст, министерот Спасовски потенцираше две иницијативи на МВР на Република Северна Македонија коишто се во зачеток по однос на соработката со МВР на Црна Гора, и генерално, во поглед на регионалната соработка. Првата, околу формирањето Заеднички контакт центри (ЗКЦ) како механизам за соработка на граничните полиции, а се особено значајни за зајакнување на прекуграничната соработка и во борбата против прекуграничниот криминал и тероризам. Притоа користејќи ја Конвенцијата за полициска соработка на земјите од Југоисточна Европа како правна рамка за регулирање на една ваква амбициозна иницијатива.
И втората иницијатива, која исто така е веќе во тек, а се однесува на менаџирањето на миграциските текови, поточно на спроведувањето на Пактот за азил и миграција на ЕУ. Според министерот Спасовски, овој документ, усвоен од страна на Европската комисија, во одредена мерка се однесува и на земјите од нашиот регион, така што во таа смисла веќе е побарано од Меѓународниот центар за развој на миграциски политики да се направи анализа на Пактот од аспект на неговиот импакт врз нашите земји.
„Верувам дека заедничкиот настап на ‘третите’ земји, како што милуваат да нè наречат, ќе биде од есенцијална важност за нас самите, особено ако сакаме да изградиме заеднички став за сите прашања поврзани со менаџирањето на миграцијата, вклучително и прашањата на враќања и реадмисија“, истакна министерот Спасовски.
Црногорскиот министер за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ, заблагодарувајќи се за искрената поддршка и соработка постигната на полето на внатрешните работи, на билатерално ниво, но и преку регионални иницијативи, истакна дека средбата се одржа во конструктивна размена на мислења за иницијативите на оваа наша пријателска земја.
„Првата се однесува на зајакнување на соработката во борбата против прекуграничниот криминал и тероризмот, а втората на управувањето со миграциските текови. Овие области се, исто така, клучни за Црна Гора, тие се опфатени со нашите бројни стратешки документи, и ние со задоволство ги прифаќаме. Иницијативите ќе го зајакнат вмрежувањето на земјите од Западен Балкан во надминување на предизвиците со кои се соочуваме“, подвлече Секуловиќ.
Тој особено ја нагласи поддршката што ја добиваат од колегите од Северна Македонија во областа на управувањето со миграцијата.
„Црна Гора и Северна Македонија воспоставуваат интензивна полициска оперативна соработка преку бироата на Интерпол Подгорица и Скопје, што овозможи размена на важни информации, меѓу другото, со цел борба против трговијата со дрога“, рече министерот Секуловиќ, додавајќи дека силната врска меѓу Црна Гора и Северна Македонија е и заедничката цел, односно членство во Европската Унија, при што од големо значење е соработката постигната преку процесот Брдо и форумот МАРРИ, преку кој земјите од Западен Балкан разменуваат искуства за процесот на преговори.
Инаку утре, министерот Спасовски ќе учествува на Форумот на МАРРИ регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци, каде што е предвидено да има и свои обраќања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.