Македонија
Спасовски: Најдобро и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да останат во опозиција

Носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, се обрати во Чаир со пораката дека оваа општина покажува како се живее во едно општество за сите, концепт што граѓаните Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Власи, Бошњаци, други денес го градат во целата држава успешно и дека земјата продолжува по правиот евро-атлантски пат наместо, како што рече, изолирана и во поделби што ги правеше режимската власт на ВМРО-ДПМНЕ.
„Само политичари што се грижат за сите може да донесат добро и на Чаир и на оваа држава. Режимот на ВМРО-ДПМНЕ не е решение затоа што мисли само на себе, крадат, рушат, се закануваат за државна помош, плати, пензии, граѓаните ги оставија во руини и во кал додека тие крадеа за своите џебови и за нивната бела палата. Ни национализмот на ДУИ не е решение бидејки искусивме дека националистичките политики не ѝ носат ништо добро на државата. ДУИ реши да оди на овие избори со национализам бидејки нема што да им понуди на граѓаните, безидејна е по 17 години власт. Затоа, најдобро е и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да останат во опозиција, да се самообноват и на следните избори, ако успеат да се реформираат, можеби ќе имаат шанси кај граѓаните“, порача Спасовски.
Тој вети дека во следните 4 години ќе отвориме 80 % од поглавјата за интеграција во ЕУ, а за 5-6 години ќе го затвориме преговарачкиот процес.
„Од европските фондови обезбедуваме 2,5 милијарди евра за државата. Тоа се повеќе пари за справување со здравствената ситуација, за новата развојна економија, капитални инвестиции, земјоделство, канализации, патишта, водоводи. Тоа се европски пари за европски стандарди дома и опцијата за 15 јули е јасна: СДСМ и коалицијата ‘Можеме’ нуди луѓе што земјата ја однесоа на прав пат, да продолжиме по овој пат, а ВМРО-ДПМНЕ ги нуди луѓето на Груевски, Мицкоски, Мисајловски…, кои нудат обнова на режимот“, рече Спасовски.
„На 15 јули изборот е едноставен: ‘не’ за опасниот режим, кој краде и меѓународно изолира и за национализмот што враќа назад, ‘да’ за сигурна иднина, пари кај граѓаните, Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ. Ова се многу важни избори, за сигурна иднина и брза развојна еконономија, за уште повеќе пари кај граѓаните и безбедна иднина – гласаме за број 3 на 15 јули“, порача Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.