Македонија
Спасовски од Шуто Оризари ги повика Ромите да се обединат против ВМРО-ДПМНЕ

Обединете се сите Роми против Мицкоски и обновениот режим кој се потсмева на ромскиот јазик откако ве тегнеа за уши и гласајте за број 3 и сигурност, изјави носителот на втората изборна единица, Оливер Спасовски, кој попладнево е на средби со граѓани на скопската општина Шуто Оризари.
„Во Шуто Оризари корисници на гарантиран месечен приход се 1.411 лица. Корисници на детски додаток се 572 лица. Корисници на образовен додаток за деца се 341 лице. Корисници на социјална пензија се 71 лице. Општо во државава социјалната помош ја зголемивме за 300 проценти. 26.636 домаќинства користат гарантиран минимален приход повисок во просек за 300 проценти. За 3.5 проценти го зголемивме опфатот на деца кои добиваат детски и образовен додаток. Над 33.000 деца во училишна возраст примаат по 1.000 денари месечно детски додаток. Воведовме образовен додаток за основци и средношколци од семејства во социјален ризик: 700 денари месечно за ученик во основно образование и 1.000 денари за средно образование. Воведовме социјална пензија за граѓаните кои немаат никаква пензија. 6.747 луѓе земаат социјална пензија од 6.000 денари. Следува нова развојна економија, со повеќе инвестиции и можности за нови работни места, но мораме да продолжиме по патот на евро-атланските интеграции по којшто тргнавме“, порача Спасовски.
Тој рече дека режимот на ВМРО-ДПМНЕ не е решение затоа што мисли само на себе, крадат, рушат, се закануваат за државна помош, плати, пензии, граѓаните ги оставија во руини и во кал, додека тие крадеа за своите џебови и за нивната бела палата.
„Ве повикувам вас Ромите во целата држава да се обедините против оние кои играат мајтап со ромскиот јазик, “тегнеа за уши“, планираа “пиштење – вриштење“, “семејства во ендек“. Пред 4 години во време на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните не смееја ни да зборуваат, денес е слобода. ВМРО-ДПМНЕ е опасност. Гласањето на 15 јули ќе биде со целосна заштита. Со строго почитување на протоколите гласањето ќе биде сосема безбедно. Да излеземе на гласање, на не дозволиме обнова на режимот, да избереме сигурна иднина за сите. Да гласаме за број три и да си ја осигураме иднината“, повика Спасовски на средбите во Шуто Оризари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.