Македонија
Спасовски: Со министрите од ВМРО-ДПМНЕ се договоривме да се издигнеме над дневно-политичките игри

Наша определба е да работиме во интерес на граѓаните, и ако министрите на ВМРО-ДПМНЕ ги имаат истите мотиви нема да има проблем да работиме за доброто на граѓаните и на државата. Во таа насока беше и денешната средба со министрите на ВМРО-ДПМНЕ веднаш после седницата на Владата и се договоривме дека токму тој интерес ќе ни биде во прв план и дека тоа е причина нашите капацитети да ги издигнеме над дневно-политичките игри и пресметки и да направиме значителен исчекор напред во односите меѓу политичките субјекти, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски во интервјуто за Националната телевизија на прашањето.
„Во овој период Владата првенствено треба да се грижи за воспоставување услови за организирање и спроведување на фер, демократски и кредибилни избори. Се разбира, паралелно со тие активности, со исто таква енергија ќе им се посветиме на континуитетот на процесите и политиките што се во тек и што се започнати за државата да оди напред“, потенцираше премиерот Спасовски во интервјуто за МРТ.
На прашањето дали има план за одговор доколку опозициските назначени функционери започнат да објавуваат случаи на незаконско работење на функционери од СДСМ, претседателот на Владата Спасовски нагласи дека има огромна разлика меѓу ситуацијaта до 2017 година и од 2017 наваму.
„Неспоредливо е тоа што го наследивме во 2017 година како потврдено сериозно прекршување на демократијата и злоупотребата на институциите од масовното прислушкување до најсериозните коруптивни и криминални случаи на поединци во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Да ги спомнам само кумановските настани, убиството на Мартин Нешковски, заробената демократија, заробени медиуми… Денеска ситуацијата е сосема поинаква. Владата на СДСМ и на коалицијата го врати владеењето на правото и докажа дека пред правдата сите се еднакви, без разлика до каде и до кого ќе стигне секоја истрага“, нагласи премиерот Спасовски во интервјуто за МРТ.
Употребата на уставното име на државата е законска обврска на избраните и именувани функционери и државни службеници, рече премиерот Спасовски во интервјуто, и додаде дека министрите на ВМРО-ДПМНЕ сега официјални лица на државата и во таа насока имаа добар старт кога ги потпишаа изјавите за избор на министри во Владата на меморандум со уставното име на државата – Република Северна Македонија.
„Ако сакате да користите привилегии и права, да добивате функции и плата од државата тогаш треба да се почитува Уставот и законите. Се друго е лицемерие. Освен тоа, како официјални лица, членовите на Владата не смеат да го доведат во прашање меѓународниот углед на нашата земја. Влегуваме во период кога треба да го ратификуваме полноправното членство во НАТО и кога треба да го добиеме стартот на преговори со ЕУ и секој треба да биде одговорен и ако декларативно тврди дека ги почитува националните интереси, тоа треба да го покажеме на дело, а една од тие обврски е користењето на уставното име на нашата земја“, истакна во интервјуто на Националната телевизија претседателот на Владата на Северна Македонија Оливер Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.