Македонија
(Фото) Спречени обиди за шверцување парфеми, тутун, облека со потпис на познати модни брендови
На Меѓународен Аеродром Скопје државјанин на Обединети Арапски Емирати родум од Индија се обидел да криумчари во државата 76 парфеми. Патникот при пристигнување во државата се определил на зелен канал при што поради сомневање е селектиран на царинска контрола. При контролата во двата куфери кои ги носел со себе се пронајдени парфеми со потекло од Дубаи коишто патникот не ги пријавил, извести Царинската управа.
Во друг случај на Меѓународен Аеродром Скопје при контрола на патник кој требало да патува со лет на релација Скопје – Лондон – Лутон биле пронајдени 260 пакувања од по 50 грама тутун.

Возач на камион се обидел во државата преку граничниот премин Табановце да шверцува соларен инвертер. Во обидот е спречен од Службата за мобилен скенер која при извршената контрола утврди дека во кабината има неправилности по што е извршен и физички преглед кога е пронајден соларниот инвертер.

Царински службеници на граничниот премин Табановце во куферите на еден од патниците кои патувале со автобус кој сообраќал на релација Скопје – Белград пронајдоа 129 парчиња суплементи Zeo Medic, додаток во исхрана. Суплементите се запленети, а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

Спречен обид за шверц на 3.150 ќесички маџун со додатоци, откако патник се обидел истите преку граничен премин Богородица нелагално да ги внесе во државата. Лицето кое патувало со автомобил на прашање дали има нешто да пријави за царина одговорило дека нема ништо за пријавување. Поради сомневање возилото е селектирано за детален преглед при што во багажниот простор во три патнички куфери помеѓу личните предмети, е пронајдена непријавената стока.

Мобилен царински тим на Царинска испостава Табановце при контрола на камион, заплени 463 парчиња облека со потписот на Ралф Лаурен, Диор, Бос и други модни брендови поради основано сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост.

Патник преку граничен премин Ново село се обидел да шверцува разна стока, меѓу која ножеви, клучеви, рибарски прибор, слушалки, машинка за стругање. Во намерата е спречен од царинските службеници кои при контрола на возилото, во багажникот и помеѓу седиштата ја открија непријавената стока, соопшти Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

