Македонија
„Срамно, Јаневска направи хаос со образовните асистенти на сметка на најранливите ученици“, велат од СДСМ

„Министерката Весна Јаневска свесно направи хаос со образовните асистенти – директно на штета на учениците со попреченост и нивните семејства. Наместо да ги продолжи ангажманите на едуцирани, обучени и искусни образовни асистенти кои со години посветено работеа со децата, Јаневска ги избрка и ги замени со партиски кадри. Единствената „квалификација“ на новите асистенти е партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ!“, велат од СДСМ.
„Со промени во правилниците, Јаневска го поништи значењето на работното искуство, обуките, знаењето – и отвори врата за политички вработувања. Ова е најгруб пример на партизација на образованието, на сметка на најранливите.
Ова е одраз на погрешниот приоритет на ВМРО-ДПМНЕ – наместо грижа за децата, грижа за партиската војска! Јавно ја прашуваме министерката Јаневска – како можете мирно да спиете знаејќи дека на 1 септември стотици деца со попреченост нема да го добијат својот асистент, лицето со кое учеа, се смееја и напредуваа?
СДСМ бара итна:
Ревизија на огласот за образовни асистенти,
Враќање на професионалците со искуство и едукација,
Целосна департизација на образовниот систем.
Образованието мора да биде надпартиска и хумана мисија. Ова не е борба за функции – ова е борба за достоинство, за децата и за нашата иднина“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.