Македонија
Средба Минчев–Ејакуза: Отворена власт и квалитетна администрација за подобри услуги кон граѓаните

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со извршниот директор на Партнерството за отворена власт (ПОВ), Аидан Ејакуза, во пресрет на тематскиот регионален состанок посветен на иницијативата Партнерство за отворена власт.
На средбата се разговараше за тековната имплементација на Националниот акциски план 2024–2026, како и за стратешките активности кои Министерството за јавна администрација ги презема во насока на унапредување на транспарентноста, отчетноста, дигитализацијата и граѓанското учество во институциите.
Министерот Минчев истакна дека Македонија останува целосно посветена на принципите на отворено владеење и дека ПОВ е клучна рамка за подобрување на квалитетот на јавните услуги и довербата на граѓаните во институциите.
„Нашата крајна цел е да изградиме јавна администрација која е професионална, отворена, достапна и во служба на граѓаните. Партнерството за отворена власт ни овозможува да ги зајакнеме механизмите за транспарентност и отчетност, но и да создадеме услови за поефикасни, квалитетни и правични јавни услуги. За нас, ова не е само меѓународна обврска, туку реална можност за подобрување на секојдневието на граѓаните“, изјави министерот Минчев.
Директорот Ејакуза го поздрави напредокот на државата и ја потенцираше важноста на активната вклученост на граѓанското општество и користењето на дигитални алатки како клучни двигатели на промените во рамките на иницијативата ПОВ. Тој ја охрабри земјата да продолжи со амбициозниот пристап и да ја зајакне улогата на Советот за ПОВ како форум за конструктивен дијалог и следење на имплементацијата.
Министерството за јавна администрација ќе продолжи со проактивен пристап и партнерска соработка со домашни и меѓународни учесници, со цел натамошно унапредување на транспарентноста, интегритетот и ефикасноста на јавните институции во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Јаневска ги остави без превоз средношколците од Ресен – државата штеди на младите“, велат од партијата Левица

„Целосната неспособност и игнорантски однос на министерката за образование Весна Јаневска ги остави без превоз средношколците од Ресен на самиот почеток од учебната година! Средношколците се извисени поради негрижа на МОН и за нив нема организиран ученички превоз до Битола и Охрид, а единствената „алтернатива“ што државата ја нуди е сместување во интернат со нехумани услови, кои се под секое достоинство“, велат од партијата Левица.
„Учениците биле принудени да аплицираат за прием во интернатот, според строги критериуми за оценки и месечни приходи. Според небулозните правила на МОН, само доколку се одбиени, имаат право на надоместок за превоз, иако автобуски линии нема. Средношколците се присилно обврзани да живеат во интернат, дел од нив одбиле поради ужасните и несоодветни услови, како што е недостиг на вода.
Со оваа политика, власта на ДПМНЕ практично ги казнува учениците што сакаат да се образуваат, ги става родителите под финансиски притисок и испраќа јасна порака дека образованието е привилегија за малкумина, а не право за сите. Наместо безбедни и достапни услови за образование, и оние млади кои се’ уште не се иселиле – се принудени да патуваат со свој трошок или да живеат во средина опасна по нивното здравје и достоинство.
Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски наместо да молчи пред срамот на неговата партија, должен е во најбрз рок да обезбеди превоз. Со оваа политика, каде владејачката елита штеди на образованието на младите, додека расипнички троши за нејзини привилегии – власта на ДПМНЕ им праќа порака на младите што побрзо да се иселат од држава која не се грижи за нивната иднина“, се додава во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Без вода денеска корисниците од улиците на потегот од Владата до градскиот Стадион

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул. Наум Наумовски Борче бр. 90, општина Центар, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците на потегот од Влада на РСМ до градскиот Стадион.
Водоснабдување ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чучер Сандево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од село Бањани и викендиците кон манастирот Св. Илија, општина Чучер Сандево;
· од 10:00 до 11:30 часот, корисниците од дел од улицата Студеничанска, општина Кисела Вода;
· од 10:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од улицата Малешевска, општина Кисела Вода.