Македонија
Средба на Заев со амбасадорот Гербих: Германија останува наш силен сојузник

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со амбасадорот на Сојузна Република Германија во земјава, Томас Гербих.
На средбата беше разговарано за повеќе актуелни состојби, како последната ратификација на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО од страна на Шпанија, процесот на реформи, но и ситуацијата со коронавирусот во државата и во Европа.
„Со ратификацијата во шпанскиот Сенат, заокружен е процесот на ратификување на Протоколот за пристапување во НАТО, со тоа денеска Република Северна Македонија станува 30. земја членка на НАТО-алијансата. Ова е остварување на децениските заложби на огромното мнозинство граѓани на нашата држава“, истакна Заев.
Во однос на заканите од коронавирусот, претседателот Заев посочи дека сите институции на чело со Министерството за здравство презеле итни и навремени мерки против ширење на вирусот.
„Покажавме дека засега успешно се справуваме со заканите од коронавирусот, но мерките треба да продолжат уште позасилено. Затоа, неопходно е воведување вонредна состојба, која обезбедува механизми за поголема заштита на населението и спречување на ширење на заразата. Со воведување вонредна состојба ќе се најдат механизми за навремена и ефикасна помош на стопанството и гранките кои се загрозени од вирусот. Вчера донесовме нов сет мерки, а веќе утре ќе следуваат конкретни мерки за помош на економијата, особено за оние кои се најпогодени од оваа состојба“, потенцираше Заев.
Амбасадорот Гербих му честиташе на претседателот Заев за последната ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО, а меѓу другото оцени дека досега Република Северна Македонија со голем успех се справува со коронавирусот кој е закана за цела Европа.
Германскиот амбасадор ја искористи можноста и на средбата на претседателот Заев лично му ја врачи Хесенската награда за мир (Hessian peace prize) од страна на Фондацијата „Алберт Освалд“ од сојузната германска држава Хесе, чии добитници се претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и поранешниот премиер на Грција и претседател на партијата Сириза, Алексис Ципрас.
Како што истакна амбасадорот Гербих, оваа награда се доделува за достигнувањата што Заев и Ципрас заедно ги оствариле решавајќи долгогодишно отворено прашање со што испратија силен позитивен сигнал во регионот, но и во Европа.
Претседателот Заев се заблагодари за наградата истакнувајќи го нејзиното значење и изрази уверување дека соработката со стратешкиот партнер и наш силен поддржувач Германија ќе продолжи и во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.