Македонија
Средба на Заев со чешкиот амбасадор Томан: Честитки за наградата за мир и порака за поддршка во европерспективите

Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со Мирослав Томан, амбасадор на Чешката Република во нашата држава.
На состанокот се изразени честитки за наградата за мир што ја доби премиерот Заев како нешто што е оценето како добро заслужено поради функционалните политики на дијалог во насока на изнаоѓањето решенија и општото добро.
Нагласена е поддршката од Чешката Република за евроинтеграциите на нашата држава и отворањето на преговорите од ЕУ, со порака дека Република Северна Македонија има пријател во Чешката Република. На средбата е соопштено дека Западен Балкан е еден од најголемите приоритети на кои се фокусира Чешката Република во поглед на европерспективите и дека ќе продолжи да дејствува во тој правец уште поактивно при претседавањето со ЕУ, што следува по словенечкото претседателство.
Премиерот Заев се заблагодари за честитките и за поддршката од Чешката Република како докажан традиционален партнер на Република Северна Македонија, што се покажа и преку споделените и мотивирачки искуства преку вишеградската група во делот на европерспективите и преку билатералните односи, кои, како што констатира премиерот Заев, последниов период бележат и видлив развој.
„Од големо значење за нас е пријателството со Чешката Република како докажан партнер на нашата држава, на полето на евроинтеграциите и во сите области од значење на граѓаните и ќе продолжиме да придонесуваме во развојот на односите меѓу двете земји. Владата е посветена на европеизација на државата и ќе продолжиме со настојувањето на изнаоѓање решенија преку политиките на разбирање и принципиелен дијалог за нашиот натамошен напредок во европерспективите. Во меѓувреме, ја развивме иницијативата ‘Отворен Балкан’ како чекор плус на Берлинскиот процес, со цел поактивна регионална соработка во полза на подигнување на квалитетот на животот на граѓаните, а и од помош на политичко ниво, исклучиво во функција на европерспективите што немаат алтернатива“, рече премиерот Заев.
На средбата заеднички е констатирано дека пример за унапредувањето на билатералните односи меѓу двете држави се поддршката од Чешката Република на јужната граница на Република Северна Македонија за време на бегалската криза и до денес, за покажаната солидарност со донираните вакцини за време на пандемијата, за донациите во делот на соработката со МВР и со Министерството за одбрана. Притоа е изразена согласност за важноста од потпишувањето на трилатералниот меморандум за разбирање и техничка соработка помеѓу МВР, МО и чешкото Министерство за одбрана. Исто така, посочено е на зголемувањето на трговијата меѓу државите во изминатата година, како и на отворените можности за унапредување на соработката во областа на земјоделството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.