Македонија
Средба на Пендаровски со организаторите на Струшките вечери на поезијата и поетесата Ива Дамјановски

По завршувањето на еминентниот меѓународен фестивал Струшки вечери на поезијата, денеска претседателот Пендаровски ги прими директорот на фестивалот Тодорче Тасевски и претседателката на жирото за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“, Ангелина Бановиќ-Марковска. На средбата присуствуваше и младата поетеса Ива Дамјановски, којашто за својата стихозбирка „Двоумење“ ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за 2020 година.
На средбата директорот на оваа културна манифестација, Тодорче Тaсевски, го информираше претседателот Пендаровски за настаните коишто се одржаа во рамки на 59-тото издание на Струшките вечери на поезијата коешто поради пандемијата на Ковид-19 годинава имаше скратена и измената програма. Во оваа насока, како што посочи Тасевски, во Струга присуствуваа само домашните поети, додека гостите од странство беа застапени преку видеочитања. „Следејќи ги безбедносните протоколи и покрај редуцираната програма, и оваа година Струшките вечери на позијата ги задржаа своите најзначајни поетски содржини“, додаде директорот на фестивалот, Тасевски.
Честитајќи им за напорите да не биде прекината шестдецениската традиција на Струшките вечери на поезијата, претседателот Пендаровски истакна дека културата и уметноста се повеќе од неопходни во кризни времиња, како што е сега пандемијата на корона-вирусот.
„Во изминативе неколку месеци сите сме соочени со невообичаена ситуација. Најголем дел од настаните или се одложија или не се оддржаа воопшто. Затоа драго ми е што еден ваков меѓународно познат и признат поетски фестивал успеа да го задржи своето ниво на квалитет“ , заклучи на средбата претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.