Македонија
Средба Шахпаска – Сахакјан: Нов пакет-мерки за помош за најранливите категории граѓани

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска се сретна со постојаната претставничка на УНДП во земјата, Нарине Сахакјан, и нејзините соработници.
На средбата се разговараше за досегашната меѓусебна соработка помеѓу УНДП и Министерството за труд и социјална политика, проектите што се во тек и идните планови за соработка на полето кое е во надлежност на Министерството.
„Како држава и како Министерство многу ни е значајна поддршката што ни ја дава Агенцијата на ООН, УНДП, во годините наназад, а особено денес во време на пандемија на коронавирусот.
Изминатите седум месеци од почетокот на коронавирусот како техничка влада презедовме сет економски мерки со цел спасување што поголем број работни места, поддршка на компаниите погодени од кризата, помош и поддршка на граѓаните со посебен акцент на најранливите категории.
Како одговорна Влада, која се грижи за своите граѓани, продолжуваме со нов пакет економски мерки наменет за ревитализација на економијата и помош и поддршка на оние катергории граѓани на кои помошта им е најпотребна. Тоа се пасивните баратели на работа, пензионерите со ниски пензии до 15.000 денари, самохраните родители и студентите кои беа пропуштени во претходниот пакет-мерки“, истакна Шахпаска.
Во однос на примателите на гарантирана минимална помош, министерката посочи дека се олеснети пристапот и условите за влез во системот, со што би се опфатил поголем број лица на кои помошта им е потребна.
Постојаната претставничка на УНДП во земјата, Нарине Сахакјан, изрази подготвеност за продлабочување на понатамошната соработка и поддршка во сегментите социјална инклузија, обуки и тренинзи за лицата за полесен пристап на пазараот на трудот, како и соработката со локалните заедници, каде што се работи на реализација на проекти за помош и поддршка на старите лица, лицата со попреченост и оние на кои им е потребна преку давање социјални услуги.
Двете соговорнички се согласија дека одличната соработка ќе продолжи и понатаму преку реализација на проекти кои се од големо значење за граѓаните со посебен акцент на најранливите категории.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.