Македонија
Средба Џафери-Чијамба: Проширувањето на ЕУ и натаму останува високо на агендата на романското претседавање со Советот на ЕУ
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, оствари средба со Џеорџе Чијамба, министер делегиран за европски прашања во Владата на Романија, кој престојува во официјална посета на Република Македонија по повод преземањето на претседавањето со Советот на Европската Унија од јануари в година.
Џафери на почетокот на средбата нагласи дека оваа средба претставува поттик за понатамошен развој на меѓупарламентарната соработка меѓу двете пријателски земји на сите парламентарни нивоа, како на ниво на претседатели на парламенти така и меѓу групите за соработка во двата парламента.
Претседателот Џафери нагласи дека билатералните односи и соработка на двете земји на мултилатерален план континуирано се унапредуваат и збогатуваат, при што високо се ценат ангажманот и посветеноста на Романија за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и почнување на преговорите со Европската Унија. Во таа насока го информира соговорникот за актуелниот процес на уставните измени како финализација на имплементацијата на преспанскиот договор.
Министерот Чијамба ја поздрави успешната работа на Собранието во целокупниот процес сврзан со договорот меѓу Република Македонија и Република Грција како клучен сегмент во пошироката цел – Република Македонија како земја членка на НАТО и Европската Унија.
Тој за време на средбата информира за подготовките на Романија за преземањето на претседавањето со Советот на Европската Унија од јануари 2019 година нагласувајќи притоа дека проширувањето на ЕУ и натаму останува високо на агендата на романското претседавање.
Планирани се голем број конференции, меѓународни форуми и други придружни настани, при што ќе се обрне големо внимание и на парламентарната димензија, а за поттик на визијата на младата генерација ќе се организира една помирувачка конференција која треба да даде пример на државите од Западен Балкан според германско-францускиот помирувачки процес, посочи тој. Чијамба упати отворена покана за учество на сите парламентарни настани, кои заедно со сите други активности ќе го сочинуваат романското претседавање со Советот на Европската Унија. Тој исто така информира дека има еден пратеник со македонско потекло во романскиот парламент, а највисоките државни институции на Романија неодамна донеле одлука 8 декември пригодно да се одбележува како Ден на македонскиот јазик во Романија.
Двајцата соговорници споделија позитивни видувања за договорот за соработка во областа на образованието, науката, културата, медиумите, младите и спортот, кој е потпишан меѓу двете влади во 2013 година и веќе е ратификуван од страна на романскиот парламент, при што претседателот Џафери изрази заложба за негова скорешна ратификација во Собранието на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

