Македонија
ССНМ го осудува и бара онлајн-малтретирањето на новинарката Мирослава Симоновска веднаш да престане

„Самостојниот синдикат на новинарите и медиумски го осудува повторувачкото онлајн-малтретирање од страна на Зоран Божиновски, кој на 14.8.2025 година ја фотографирал новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Симоновска, додека седи на јавно место со две обвинителки“, велат од ССНМ.
„Притоа на социјалните мрежи на крајно недоличен и вулгарен начин истото лице ја клевети Симоновска дека ‘се пазарела со обвинителките’, а медиумот ‘Слободен печат го нарекува ‘подземно, милицајско-таблоидна новина’.
ССНМ смета дека станува збор за онлајн-малтретирање, кое не е прво и кое почна во претходните неколку дена по објавен напис на ‘Слободен печат’, кој потоа беше објавен и на ТВ ‘Телма’, а кој воопшто не е авторско дело на Мирослава Симоновска, но во објавите на Божиновски е напаѓана и деградирана, лажно посочувана како авторка на текстот, нарекувана кообвинителка, рекетарка, заедно со медиумот и со обвинителката во предметот.
Сметаме дека тенденцијата да се фотографираат новинари е со цел да се конструира лажен наратив во јавноста, да се предизвика чувство на нелагодност, демнење, сето тоа проследено со невистинити конструкции да се влијае врз нивната работа.
Потсетуваме дека Мирослава Симоновска беше следена и снимана на ист ваков начин во ноември 2024 година од непознато лице додека седи на маса со ќерката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски по што снимките му беа дадени на тогашниот шеф на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, од страна на лица задолжени за нејзино следење за што во ОЈО Скопје има кривична пријава против НН службено лице за неовластено снимање, поднесена од Симоновска. ОЈО Скопје го нема расчистено настанот, односно нема откриено кој е тој што неовластено ја снимал и следел Симоновска, иако снимањето се случи во истото кафуле на градскиот кеј, каде што има многу камери. ССНМ бара итно и безусловно решавање на овој предмет и секое пролонгирање ќе го толкува како обид за заплашување на новинарите и дополнителен притисок врз нив и нивната работа“, се наведува во соопштението на ССНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.
Македонија
Повозрасните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки, порача Тошковки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје денеска реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Македонија
(Видео) Избегната катастрофа кај Брезница, пожарот се движи кон Козјак

Денес се регистрирани десет пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупредувајќи дека бројката може да се зголеми до крајот на денот.
Ангелов упати нов апел до граѓаните, особено до земјоделците и сточарите, да бидат исклучително внимателни додека ги извршуваат своите активности во овој критичен период.
Најтежок за гаснење и натаму е пожарот што со денови гори во „Јасен“. Според Ангелов, едниот крак бил ставен под контрола во ноќна битка со огнот, при што била спречена негова експанзија кон селото Брезница.
„Не дозволивме пожарот да премине преку шумски пат, со што понатаму ќе беше загрозено селото. Исчистени беа дрвјата долж патот и линијата беше гаснета целосно. Благодарение на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), пожарникарите од Македонски Брод и вработените во ‘Јасен’, овој крак е стопиран“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека состојбата на другата страна на гребенот, кон езерото Козјак, е многу потешка поради непристапниот терен. Таму пожарот се движи, а очекувањата се дека ќе биде стопиран кај карпестиот предел, а за таа цел таму поставени се надлежните служби.
Покрај „Јасен“, активни пожари се регистрирани и во Лозово, каде што гори шумска површина, во Долнени – со пожар на ниска вегетација, како и во Куманово, во атарот на селото Липково, каде што активни се два пожари, од кои едниот е реактивиран.