Македонија
ССНМ и ЗНМ: Отпуштањето новинари не смее да биде прва мерка за справување со кризата

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро ја осудуваат одлуката на работодавецот „Нет медиа груп“ ДОЕЛ, којшто ги поседува интернет-порталите „Локално“ и „Стандард“, да отпушти најмалку петмина новинари, дел вработени на определено, а на дел да им ги прекине хонорарните договори.
Иако овој чекор се образложува со кризата предизвикина од коронавирусот, отпуштањето новинари треба да стаса последно, со оглед на значајната улога на медиумите во услови на вонредна состојба, велат новинарските здруженија.
Оттука нагласуваат дека ваквата постапка особено зачудува поради фактот што Владата најави сет мерки за медиумите кои меѓу другото се условени и со неотпуштање новинари и медиумски работници додека траат вонредните мерки.
ССНМ и ЗНМ апелираат работодавецот да ја преиспита оваа одлука, која на прв поглед е избрзана, бидејќи според мерките на владата, најмалку што може да понуди е минималната загарантирана плата.
„Истовремено, сметаме дека праксата сопствениците да бараат од новинарите и медиумските работници кои имаат важечки договор да потпишуваат спогодбено раскинување на работниот однос e недозволива и неприфатлива. Тоа им носи директна штета на работниците и им укажуваме дека таквите понуди веднаш треба да ги одбиваат. Отказите доаѓаат без претходна најава или известување за финансиската ситуација во која се наоѓаат газдите, со што се остава впечаток дека сопственикот воопшто не очекува и ниту се надева на идни мерки од владата за ублажување на импактот на кризата во финансиското работење и планирање“, велат од ССНМ и ЗНМ.
Како што додаваат, овој пример лошо влијае врз генералната слика и укажува на тоа дека дека први на удар во однос на економската криза се медиумите и новинарите. ССНМ и ЗНМ стравуваат дека овој случај може да предизвика „домино ефект“ и негативно да охрабри и други медиуми да се одлучат на ваков чекор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничните премини Богородица и Табановце се чека по 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица и на Табановце е 20-30 минути, а на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Поднесено обвинение против директорот на болницата за геријатрија за примање поткуп од 20.000 евра

Обвинителството поднесе обвинение против директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи, и уште едно лице, кои се осомничени за примање поткуп од 20.000 евра за да сместат болно лице во установата.
Директорот е обвинет дека сторил кривично дело – Примање поткуп, а второобвинетиот се товари дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
„Првообвинетиот за болнички прием на лице во тешка здравствена состојба, од сведок – давател на доживотна издршка на лицето, директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Второобвинетиот директно ја примил таквата корист за првообвинетиот за да со искористување на своето реално влијание интервенира да се изврши службеното дејствие што морало да се изврши од првообвинетиот. При примање на дел од договорената сума во износ од 20.000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата“, соопшти Обвинителството.
Со Обвинителниот акт е доставен и предлог да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор спрема двајцата обвинети.
Македонија
Владата размислува да ги оданочува немажените и неженетите, рече Мицкоски

Владата размислува за дополнителни даноци за немажени и неженети, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи дека е време за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а отселените ќе се вратат.
Неговото обраќање, посветено на прашањето за падот на наталитетот, стареењето на населението и иселувањето, ја стави во фокусот демографската рецесија, која ја нарече тивка, долготрајна, системска и глобална криза.
Тој нагласи дека ова не е проблем само на Македонија, туку предизвик со кој се соочуваат и држави како Германија, Италија, Бугарија, Јапонија и Јужна Кореја, каде што се раѓаат се помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите.
„И ние не сме исклучок. Но, нашата состојба е посебна. Затоа што додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е аларм“, оцени Мицкоски.
Факти што, според Мицкоски, не смеат да се игнорираат:
-Во 2024 година, се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година;
-Во последните 4 години, изгубивме повеќе од 33.000 жители- како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево;
-Стапката на наталитет падна од 12,5 проценти во 2010 година на само 8,8 отсто во 2024;
-Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение;
-Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат.
„Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири“, додаде премиерот.
„Оваа Влада не го премолчува проблемот“
Мицкоски рече дека оваа Влада го именува проблемот, го признава и се бори со него.
„Тоа не е борба со едно министерство. Тоа е борба на сите нас. Борба што се води во градинките, во училиштата, во родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини каде се простуваат мајки и синови.“
Се размислува за дополнителни даноци за немажени и неженети
Главните цели, според Мицкоски, се: да се направи животот овде вреден; мајчинството да биде благослов, а не товар; да им се даде причина на младите да останат; да се изградат институции што ќе ја негуваат младоста; да се изгради држава „во која надежта е поважна од пасошот.
„И тука сериозно размислуваме, рече премиерот, за дополнителни даноци за немажени и неженети“, додаде тој.
Премиерот порача дека „нема ништо потажно од тоа што денес нашата држава тивко се празни. Но исто така – нема ништо похрабро од народ што се буди.“
„Време е за држава во која ќе се раѓаат повеќе деца“
„Време е. Време е за држава – каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние кои што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце.“
На крајот го цитираше филозофот Едгар Морен: „Демографијата не е судбина – туку огледало. Прашањето е: што ќе видиме во него и дали ќе имаме храброст да дејствуваме.“