Македонија
Стабилизирана состојбата со пожарот во Преспа, но природата претрпе голема штета
Пожарот што го зафати Езерани во Преспа е ставен под контрола, информира Македонското еколошко друштво. Според нив, ноќта била релативно мирна, но значителни се штетите врз живиот свет, кој е од исклучително значење за Преспанскиот Регион.
„Ситуацијата во Езерани е под контрола, но мора да бидеме внимателни. Пожарот предизвика голема штета врз живиот свет во паркот“, стои во нивната објава.
Од таму упатуваат апел до граѓаните за зголемена претпазливост имајќи предвид дека во наредниот период се очекуваат високи температури, што го зголемува ризикот од нови пожари. Тие повикуваат сите да се придржуваат кон мерките за заштита и превенција.
„Да ја чуваме нашата Преспа, нејзината природа и сите живи видови со кои го споделуваме нашиот дом“, порачуваат од Македонското еколошко друштво.
Еколозите изразуваат длабока благодарност до сите што учествуваа во гаснењето на пожарот. Особена почит им оддаваат на ренџерите од Паркот на природата „Езерани“ при Општина Ресен, како и на екипите од националните паркови Галичица и Пелистер, Територијалната противпожарна единица од Ресен, ЈП „Национални шуми“, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, организацијата ЕКО-ФАП и многуте мештани од Езерани, Долно и Горно Перово, Волкодери, Покрвеник, Прељубје, Шурленци, Асамати и други населени места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.

