Македонија
Стабилно време до петок, за време на викендот дожд и снег

Времето денес ќе биде променливо облачно, по одделни котлини со појава на магла или ниска облачност.
Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има слаби локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 4, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје променливо облачно со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До петок ќе се задржи стабилно време со слаб, наместа умерен јужен ветер. По котлините ќе има појава на магла или ниска облачност и таму температурите ќе се задржат пониски. Во останатите места ќе биде релативно топло, особено на планините каде ќе има постепено топење на снежната покривка. Во петок попладне и за време на викендот ќе има повремени врнежи кои најпрво ќе бидат од дожд, а поради спуштање на постудена воздушна маса со северен ветер постепено ќе преминуваат во снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДОМ: Фемицидот во Велес е резултат на институционален колапс, бараме одговорност и системски промени

Зелената партија ДОМ, како што соопшти, најостро реагира на монструозното убиство на младата Росица и нејзиниот татко во Велес.
Според оваа партија, не станува збор за „индивидуална трагедија“, туку за директна последица на институционалниот колапс.
„Кога полицијата, обвинителството, судството и центрите за социјална работа не постапуваат согласно законските надлежности, тогаш може да се зборува за поддршка која води кон репродукција на насилството.
Случајот покажува дека системот свесно им дозволува на насилниците да не бидат санкционирани сè додека не завршат со фемицид. Со тоа што над 70 пријави за закани и насилство се игнорирани, не може да зборуваме за институционален „пропуст“, туку за институционално злосторство“.
Јавно предупредуваат дека граѓаните се соочуваат со систем што ја одржува, како што велат, мизогинијата и ја нормализира културата на мразење на жените.
„За жал, ако институциите постапуваа, Росица ќе беше жива денес.
Бараме итна одговорност, односно разрешувања на сите раководни лица што затаиле во СВР Велес, кривична одговорност за секое службено лице кое свесно игнорирало пријави за закани, како и системски реформи во протоколите за заштита на жртвите на насилство.
Македонија мора да покаже дека женските животи се вредни за институциите да се разбудат и реагираат“.
Македонија
Клуб на пратенички: Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, а тоа треба да го обезбедат сите институции во државата

Клубот на пратенички во Собранието, со реакција и повик за доследно почитување на законите, навремена и ефикасна реакција од сите надлежни институции за заштита, спречување и превенција на насилството врз жените.
„Ние едногласно ги поддржавме измените на Кривичниот законик со кои фемицидот се препознава и се третира како кривично дело.
Бараме од надлежните институции да ги преземаат сите мерки за заштита на жртвите и превенција на фемицидот.
Ние, жените од Парламентот едногласно, остро и силно ги осудуваме зачестените случаи не само на свирепо насилство, туку и на фемицид“.
Бараат од судските органи да ја имат во предвид ратификуваната Истанбулска Конвенција и одредбите од Кривичниот Законик кои се усогласени со истата.
Фемицидот, како што истакнуваат во реакцијата, е најтежок облик на насилство врз жените само затоа што се жени.
„Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, а тоа треба да го обезбедат сите институции во државата“.
Македонија
Концентрациите на ПМ10 честичките во зоната на Трубарево се во рамките на дозволените граници, објави Министерството за животна средина

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во периодот од 17.09.2025 (09:30 часот) до 18.09.2025 (09:30 часот) беа спроведени индикативни мерења на суспендирани цврсти честички со големина до 10 микрометри (PM₁₀), на мерното место во зоната на Трубарево.
Мерењата, како што е појаснето, се извршени со автоматскиот систем AMBICON RTM–PM, нефлометар кој овозможува реално време следење на концентрациите на честички во воздухот, со селекција на фракцијата PM₁₀.
„За мониторинг беше користен инструмент ES-642, METONE, USA, сертифициран за индикативни мерења согласно MCERTS, UK.
Резултати од мерењата:
Просечна концентрација: 10.9 µg/m³
Максимална измерена вредност: 25.6 µg/m³
Моментална вредност: 16.5 µg/m³
Според добиените резултати, просечните концентрации на PM₁₀ честички се во рамките на дозволените граници и не е евидентирано надминување на граничните вредности.
Концентрациите се движат во рамките на 24-часовната гранична вредност за заштита на здравјето на луѓето, согласно Уредбата за гранични вредности за загадувачки супстанции во амбиентниот воздух („Службен весник на РМ“, бр. 183/17)“.
Министерството, како што најавуваат од таму, ќе продолжи со редовно информирање на јавноста и следење на состојбата со квалитетот на воздухот.