Македонија
Стапи на сила договорот од Преспа, Македонија стана Република Северна Македонија

Република Македонија денеска формално го промени името во Република Северна Македонија.
Како што соопшти владината прес-служба, со објавувањето во Службениот весник на сила стапи Преспанскиот договор за решавање на спорот за името со Грција и уставните амандмани.
„Известуваме дека од денес, 12 февруари 2019 година, влегува во сила конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните, што Министерството за надворешни работи соодветно го објави во ‘Службен весник’“, велат од Владата.
Оттука известуваат дека се исполнети условите за влегување во сила на амандманите на Уставот на Република Северна Македонија, со што почнува извршувањето на обврските кои произлегуваат од конечната спогодба и уставните амандмани.
Првичните одлуки во врска со потребните мерки и активности за извршување на обврските ќе бидат презентирани во соопштение за јавноста кое ќе го објави меѓуресорската работна група за извршување на обврските од конечната спогодба, додаваат од Владата која вечерва на својата веб-страна се преименува во Влада на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски е ист како Заев, им го продолжува мандатот на судиите и обвинителите за да може непречено да продолжи со криминалот

Власта на СДСМ и ДУИ целосно го партизираат правосудството и преку измени на Законот за работни односи сака да им го продолжи мандатот на своите политички извршители, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ Насилното и недолично однесување на пратениците од владејачкото мнозинство на комисијата за европски прашања, ставањето на европско знаменеце на законот, недозволување на пратениците од опозицијата да дискутираат, е само уште една потврда дека владата на СДСМ и ДУИ им го продолжува мандатот на судиите и јавните обвинители за да може непречено да продолжат со криминалот како и до сега. Ковачевски сака целосна контрола врз судството и јавното обвинителство“ се вели во соопштението.
Од партијата велат дека СДСМ и ДУИ се на страната на криминалот и корупцијата, и , како што додаваат, токму поради тоа им го продолжуваат мандатот на партиските војници во судските органи.
„ Ковачевски е ист како неговиот шеф Заев, и сака на насилен начин да го продолжи мандатот на судиите и обвинителите кои до вчера носеа пресуди во корист на власта, занемарувајќи ја вистината изнесена преку материјални докази и факти. Јавноста е сведок дека до сега нема ниту една правна разрешница за криминалот на високите владини и партиски функционери на СДСМ и ДУИ.
Токму поради ова е ниската доверба од 8 проценти од страна на граѓаните во правосудниот систем во државата. Судството и јавното обвинителство се под партиска капа и идеолошка контола на владата на СДСМ. Ова е е најфлагрантното и најбруталното кршење на демократските процеси, а владата директно го урива уставниот поредок преку мешање на извршната во судската власт. Потребни се промени“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, единствен излез од ваквата состојба се предвремени парламентарни избори.
Македонија
Петровска од Мадрид: Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, вчера во рамките на Самитот на НАТО во Мадрид учествуваше на работната вечера на министрите за одбрана на НАТО на која се дискутираше на темата: “Влијанието на Хибридните закани во Западен Балкан”.
Петровска во дискусијата со останатите министри за одбрана, потенцираше дека ефективна стратешка комуникација е клучна во борбата против ваквите закани и безбедносни ризици како и дека надминувањето на ваквите предизвици се еден од приоритетите на НАТО и дел од дискусиите на Самитот.
„ Она што нам ни е потребно е зголемување на ефикасноста и квалитетот на нашите институции преку професионализација на кадрите. Исто така, ни треба образование кое ќе ги оспособува граѓаните за критичко размислување. Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани за функционирањето на едно општество кое ќе се базира на доверба, а не на раздор”, истакна Петровска.
Таа се наврати на успехот на политиката на отворени врати на Алијансата и нагласи дека истиот потребно е да се преслика и со Проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан со што ќе се зацврсти безбедноста и ќе овозможи поголем просперитет, а во спротивно, отсуството на кредибилната европска перспектива може да има повеќекратни негативни тенденции на овие простори.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 38 степени Целзиусови

Сончево и многу топло со мала до умерена облачност ќе биде времето денеска во републиката.
Според информациите на УХМР, попладне ќе има развој на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени. УВ=9
Во Скопје и во околината ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 36 степени.
И следните денови ќе преовладува топло време со дневни температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени. Поради зголемената влага во атмосферата ќе има чувство дека температурата на воздухот е повисока.
И покрај топлото време, претежно во попладневните и вечерните часови поради влијание на циклонска активност од исток ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално и услови за појава на краткотрајно невреме.