Македонија
Почнаа заедничките контроли на преминот Табановце – Прешево
Република Северна Македонија и Република Србија на 12.7.2019 потпишаа договор за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин Табановце – Прешево. Со ова двете земји се први од Западен Балкан кои ќе почнат со заедничка гранична контрола. Официјалниот почеток на заедничките контроли ќе биде на крајот на август 2019 година по усогласување на обврските на премиерите на двете држави.
Концептот на заеднички гранични контроли со едно застанување – one stop shop, значи поедноставени постапки што се спроведуваат на еден заеднички граничен премин, со единствено застанување, преку кој контролата на патниците, стоката и нивните превозни средства се врши само на едно место. Зедничкото царинење ќе овозможи повисок степен на хармонизација на граничните контроли и унапредена примена на концептот на интегрирано гранично управување, ќе се намали можноста за царински измами поради непосредниот увид во документите што ја следат стоката, ќе се воведе контрола и вршење на граничните формалности од страна на сите надлежни органи за нивно спроведување, ќе се забрза протокот на патници и стока и ќе се заштедат ресурси потребни за реализација на концептот.
За патниците и транспортерите што се движат од Србија кон Северна Македонија, граничната служба на Србија ќе спроведе излезна контрола на тертиторијата на нашата држава на граничниот премин Табановце, а контролата за оние што патуваат во обратен правец излезната контрола македонските гранични служби ќе ја спроведат на територијата на Србија на граничниот премин Прешево.
Во изминатиот период Царинската управа со финансиска помош на Европската Унија и на Владата на Република Македонија изврши реконструкција и модернизација на инфраструктурата на граничниот премин на Табановце, со што се остварени сите предуслови за почнување на заедничките контроли. Со воспоставување на новиот начин на работа и заедничката гранична контрола на службите на двете земји Коридорот 10 ќе биде поатрактивен и поефикасен за извоз, увоз и транзит на стоки.
Граничниот премин Табановце е само почеток за крупните промени што нѐ очекуваат на ова поле на повеќе гранични премини, во тек се и проекти со другите наши соседи – Албанија и Косово, што ќе донесат огромни бенефити за економските оператори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

